14 октомври 2026
ПОКАНА ЗА СООПШТУВАЊЕ И ДОДЕЛУВАЊЕ НА
ПРЕВЕДУВАЧКИТЕ НАГРАДИ „ДРАГИ“ 2026
Почитувани, Ве покануваме на настанот што ќе се одржи в петок (16 октомври) и ќе ги обедини соопштувањето и доделувањето на преведувачките награди „Драги“ за 2026 година во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните. Во истата пригода ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска, чие доаѓање во Скопје исто така е потврдено специјално за овој важен настан.
Ова е и денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на македонскиот писател, преведувач, есеист и универзитетски професор, Драги Михајловски, во чија чест е и основана оваа награда.
Потсетуваме на преведувачите и делата што влегоа во финалната селекција (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на препејувачите):
- Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024 година
- Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година
- Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари. Жири-комисијата за доделување на наградата работеше во состав: акад. д-р Иван Џепароски (претседател, член одбран од организаторот), Владимир Цветкоски (член одбран од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Јана Михајловска (член одбран од семејството на Драги Михајловски).
Настанот е од отворен карактер.
Годинашното издание на преведувачките награди „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно беа опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).
Следете нè на:
Награда ДРАГИ
https://www.facebook.com/nagradadragi/







