BookStar останува гордост на нашиот главен град и најубавата книжевна разгледница од Македонија!
01.10.2026 – Вчеравечер заврши 12. издание на Фестивалот на европската литература BookStar, кој од 28 до 30 септември 2026 година се одржуваше на повеќе локации во Скопје. Фестивалот обедини седум европски и триесетина македонски автори, издавачи, преведувачи, книжевни критичари и многубројна читателска публика.
Во текот на трите фестивалски дена, BookStar 2026 понуди програма исполнета со книжевни разговори, дебати, поткасти, читања, средби со автори, потпишувања книги и дискусии за некои од најзначајните теми на современата литература и општество.
Гузел Јахина и креативна деба за крај на фестивалот
Сите настани од последниот фестивалски ден беа атрактивни за публиката. Почнавме со настанот „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, посветен на француско-иранската авторка, илустраторка и филмска режисерка Марџан Сатрапи.
Во дискусијата учествуваа Никола Гелевски од „Темплум“, Владимир Битољану од „Бункер“ и Жарко Кујунџиски од „Антолог“, а модератор беше Ивица Дукоски.
Преку разговорот за нејзиното творештво, особено за графичките романи „Персеполис“, „Пилешко со сливи“ и „Везење“, беа отворени атрактивни прашања за односот меѓу уметноста и општеството, слободата на поединецот и паралелите меѓу различни културни и општествени контексти.
Завршницата на фестивалот беше во знакот на гостувањето на авторката Гузел Јахина, која пристигна од Казахстан специјално за овој настан и во разговор со модераторот Емил Ниами зборуваше за своето творештво, процесот на пишување, историските теми што ги обработува и личните искуства што го обликувале нејзиниот авторски пат.
Во разговорот Јахина зборуваше за тоа како нејзината лична и семејна историја влијаеле врз обликувањето на тешките теми што ги разработува во своите романи. Како што посочи, приказните во нејзините книги не се исклучиво биографски, туку во себе вклучуваат и бројни човечки судбини за кои дознавала преку мемоарите и сведоштвата што ги истражувала во текот на процесот на пишување.
По разговорот, Јахина се сретна со читателите и долго потпишуваше примероци од своите книги „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот за Самарканд“, објавени на македонски јазик во издание на „Антолог“.
Фестивалската програма заврши со дебатниот FIGHT CLUB на тема „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој учествуваа македонските писатели Зоран Спасов Ѕоф, Јован Илиески, Сузана Камберова, Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска.
Под модераторство на Александра Јуруковска, учесниците ги соочија своите аргументи за односот меѓу книжевната вредност, популарноста и читателскиот успех, а публиката во преполната сала на „Лабораториум“ со внимание ја следеше дебатата до самиот крај.

Елој Морено се претстави пред 350 ученици од скопските училишта и пред бројната читателска публика во Македонија
Фестивалот започна в понеделник со средба на повеќе од 350 ученици од скопските основни и средни училишта со еден од најчитаните современи шпански писатели, Елој Морено, кој во своите романи „Невидлив“ и „Мрежи“ обработува актуелни теми како влијанието на социјалните мрежи, булингот и врсничкото насилство.
Потоа следуваше официјалното отворање на фестивалот, со програма посветена на слободата, литературата и културата.
Во рамки на официјалното отворање, пред присутните се обратија писателката Оливера Ќорвезироска и главниот уредник на „Антолог“, Жарко Кујунџиски.
За крај на првата фестивалска вечер следуваше разговорот со Елој Морено и промоцијата на македонскиот превод на неговата најнова книга „Новото патување на Малиот принц“, која воедно е и првото официјално продолжение на култниот класик на Антоан де Сент-Егзипери, „Малиот принц“.
Средби и книжевни разговори со реномирани странски автори
Во рамки на програмата и претфестивалските настани, читателската публика имаше можност да проследи разговори и да учествува во средби со истакнати странски автори: Елој Морено (Шпанија), Саша Бронвасер (Холандија), Гузел Јахина (Казахстан), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Јап Робен (Холандија) и Леа Ипи (Албанија/Велика Британија).
Преку своите дела и разговорите со македонската публика, тие отворија теми поврзани со личната и општествената слобода, сеќавањето, траумата, историјата, идентитетот и улогата на литературата во современиот свет.
Фестивалот вклучуваше и книжевно читање насловено „Чуму слободата?“, во чии рамки се претставија странските гости, но и македонските автори Томислав Османли, Лилјана Пандева, Иван Шопов, Соња Станковска и Ивана Трајкоска.
BookStar 2026 – простор за културно поврзување меѓу авторите и читателите
Со своето 12. издание, BookStar уште еднаш ја потврди својата улога како значајна книжевна платформа што ги поврзува европската и македонската книжевна сцена и отвора простор за дијалог, различни перспективи и директни средби меѓу авторите и читателите.
Под мотото „FREE AT LeAST – ЧУМУ СЛОБОДАТА?“, годинашното издание потсети дека литературата не е само простор за раскажување приказни, туку и место за преиспитување, несогласување, разбирање, дружење и слободно изразување.
Со завршувањето на BookStar 2026 остануваат книгите, разговорите, сеќавањата и прашањата што фестивалот ги отвори – како поттик за нови читања, нови средби и нови книжевни дијалози.
Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Ахмет Умит, Леа Ипи, Елој Морено, Гузел Јахина, Јап Робен и многу други писатели од речиси сите европски држави, како и стотина македонски автори.
Фестивалот „BookStar“ 2026 се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Амбасадaтa на Кралството Холандија и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадaтa на Кралството Шпанија, Традуки, Холандскиот фонд за литература, како и на Европската Унија. Дизајнот на визуелниот идентитет е дело на Бранко Прља.
Следете нè на:
@antolog_mk
@bookstar_festival
Youtube
https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA







