16 октомври, Скопје
Обраќање на Борислав Павловски по повод врачувањето на интернационалната награда „Драги“ 2026
Почитувани дами и господа, дозволете ми да ви го прочитам писменцето од Драги Михајловски, напишано на машина за пишување во Скопје, на 30.09.1993 година. Има шест реда, поздрав, оригинален потпис и датум.
Почитуван господине Павловски,
Со големо задоволство и радост ви испраќам еден примерок од мојот „Ѓон“ со надеж дека барем некои од расказите внатре ќе ви се допаднат. Истовремено, си зедов слобода да ви испратам уште една книга што можеби ќе ве интересира.
Се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме или во Скопје или во Загреб.
Со почит,
Скопје, 30.09.1993 год.
Драги Михајловски
Да, тоа е првата од двете материјални трага на нашата комуникација. Втората е подарок, потпишан примерок од „Бајазит и Оливера“, од 24 ноември 2009 година. Ако добро се сеќавам, нè запозна мојот долгогодишен пријател Венко Андоновски. За жал, тоа воедно беше и нашата единствена средба, не сметајќи ги оние мои читателски средби кои со текот на годините се проретчија од различни причини. Имено, со текот на времето почнав да заостанувам во следењето на сè поголемата книжевна продукција на македонската книжевна сцена. Но тоа не ме спречи на различни начини да успевам да ги прочитам неизбежните дела од македонската литература што им ги претставував на моите студенти на предавањата и семинарите, а понекогаш и на хрватските читатели во превод.
Мојата наставна работа започна во летниот семестар на академската 1977/1978 година, по една случајна средба со професорот Петар Кепески на автобуската станица, и тоа на загрепскиот плоштад Мажураниќ. Тој плоштад во мојата меморија е запишан како незаборавно место на детски игри во паркот. На тоа место, во близина на Хрватскиот народен театар и „Бунарот на животот“ на Иван Мештровиќ, мојата омилена скулптура на овој вајар, професорот Кепески ми понуди да му се придружам на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Имено, кај него, во текот на студиите, избрав, а потоа и слушав и положив два семестри јазик и три семестри македонска книжевност. Во тоа време можеше да се изберат предмети од македонистиката или славистиката. Ја избрав македонистиката, иако имав добра причина и за избор на славистиката.
Професорот Петар Кепески беше извонреден соговорник и секогаш добро подготвен предавач. Ценет меѓу колегите. А од мене, неочекувано, бараше многу, и тоа со право. Знаеше дека тие неколку ислушани семестри не беа доволни за мојата идна наставна работа. А за да се увери од прва рака во моите способности како предавач, понекогаш ненадејно доаѓаше на моите семинари за да добие увид во (не)знаењето и (не)способноста на соработникот.
Но она што за мене беше неочекувано се случи на неколку негови предавања кои секогаш ги посетував, седејќи во вториот ред од десната страна на предавалната број V (5). Се покажа дека тоа било со причина! Имено, понекогаш знаеше да го прекине предавањето, поради своите здравствени тегоби, да ми пријде и тивко да ме замоли да продолжам со предавање. Никогаш не знаев, ниту пак го прашував за што ќе зборува на предавањата. Само насетував за што би можел да предава. Сето тоа го преживеав!
Но никогаш не се помирив со неговото ненадејно заминување, што се случи во една исклучително снежназагрепска зимска ноќ, на почетокот на декември 1980 година. Буквално го испратив од семејниот стан следното утро, по најдлабокиот снег. Од него научив како да се биде скромен и доследен во секој поглед.
Моето дополнително образование по студиите се одвиваше во текот на три последователни години, на Охридскиот семинар за македонски јазик, литература и култура. Учев и донекаде го научив македонскиот јазик, благодарение на госпоѓата Конеска и проф. д-р Драги Стефанија, кои ги водеа лекторатите. Моето јазично образование никогаш не било и, веројатно, никогаш нема да биде завршено. Можеби подобар израз е – самообразование! Признавам дека во ова мое настојување сум речиси самоук.
Со текот на годините дојдов до сознанието дека за преведувањето и толкувањето на избраните текстови од пресудно значење е соодветното познавање на сопствениот јазик, како и откривањето на авторскиот стил. На големо задоволство на мојата студиска генерација, стилистика ни предаваше проф. д-р Крунослав Прањиќ, кој тоа го правеше на неконвенционален и брилијантен начин.
Имено, преведувањето за мене е соочување со нешто недофатливо, со нечиј текст и личност. Тоа е воспоставување дијалог кој мора да остави веродостојна трага во јазикот што подобро го познавате. Преведувањето е како некаква интуиција дека сте на вистинската трага и дека во таа предизвикувачка игра со другиот и со неговиот текст, го откривате авторот и неговиот начин на пишување.
Тешко ми е тоа да го дефинирам, иако сум прочитал и проучил приличен број дела кои требало да одговорат или да понудат одговори на тоа прашање, а премногу често и самите станувале толку енигматични што не знаев што да правам со нив и со нивната содржина. Но затоа секогаш покрај мене беа сигурните речници, меѓу кои го издвојувам Речникот на македонскиот јазик, во редакција на Блаже Конески, и за мене неизбежниот Големиот речник на хрватскиот јазик на Владимир Аниќ. За мене беше привилегија да ги познавам двајцата споменати лингвисти.
Можеби тајната на преведувањето, иако не го насетував тоа, на својот поетски начин ми ја откри господинот Славко Михалиќ, кој ме замоли за загрепскиот „Форум“, на кој тогаш беше главен уредник, да направам избор и превод од поезијата на Богомил Ѓузел, чија поезија и самиот ја преведуваше.
Кога му ги донесов преведените песни на увид, седна и ги прочита пред мене, а потоа, по читањето, ме праша: „Дали некогаш сте пишувале поезија?“ Неволно признав дека сум пишувал.
По тој одговор ми предложи да го прошириме изборот од Ѓузел, заедно со неговите веќе објавени песни, но и за секој број на списанието да му преведувам избор од песни на некој автор, кои би можеле да бидат навестување за некоја идна антологија, а се преточија во Пронајдениот збор (2023).
За жал, набргу се разболе и се помири со вечноста, останувајќи во мое трајно сеќавање, кое го „крунисавме“ со заедничкиот посмртен превод на избор од поезијата на Богомил Ѓузел (2011), но и со идејата за антологија која се оствари благодарение на настојувањата на хрватскиот поет и уредник Иван Херцег и на Хрватското друштво на писатели.
Преведувањето е откажување, понекогаш, од можеби сопствената творечка работа и трајно трагање по одликите на нечиј книжевен израз, понекогаш во бројни жанрови. За тоа се неопходни различно настроени, како во музиката, пристапи кон преведувањето и толкувањето. Невозможно е да се стават под заеднички именител. Како што е невозможно авторите да се сведат под некој заеднички знак на препознавање, не само во жанровска смисла, туку повеќе од сè во стилска.
Отсекогаш сум се прашувал дали може да се научи да се преведува. Донекаде може. Но, особено во книжевноста, тоа е многу комплицирано, исто како што, понекогаш, делата од тој корпус се исклучително загадочни, па треба да се има трпение во откривањето на нивната суштинска тајна, која не е секогаш иста, бидејќи некогаш тоа е специфичниот речник, некогаш ритамот, некогаш описите, обликувањето на ликовите, фабулирањето, идеите, темите. Низата понекогаш се чини бесконечна и несовладлива.
Но, сепак, во некој момент се случува средба чиј резултат е задоволителен превод и толкување. Се трудев да бидам веродостоен толкувач на книжевните текстови напишани на македонски јазик.
Романот Бајазит и Оливера од Драги Михајловски го преведов за своја душа. Токму така. Без нарачка и без рокови. Од ден на ден со Драги, со Оливера и Бајазит, со приказната, со едно минато време, историско и сепак безвременско според судбините и емоциите, убедувањата, страдањата, верувањата. И со сензационалниот женски лик – Оливера, не само во македонската книжевност.
Ме потсети во моето сеќавање на Велика на Петре М. Андреевски, според својата книжевна посебност и автентичност.
Ова е дури мојот втор превод од репрезентативната колекција книжевни текстови на Драги. На почетокот беше расказот Печуркар, кој беше објавен во Господарите на лавиринтот. Антологија на соништа, фантазии и фантастични приказни од македонската книжевност (1998).
Бајазит и Оливера е исклучително комплексен роман. Особено поради емоционалниот распон на главниот женски лик, но и поради богатиот регистар на раскажување, остварен преку различни ритмички единици во понекогаш многу сложени проширени реченици.
Доjдов до заклучок дека морам да го дешифрирам ритамот на тие опширни реченици и да понудам задоволително решение. Тоа беше, пред сè, мојата потрага по неговиот ритам. Да, прочитав во не знам која книга, најверојатно во некоја од книгите на мојот омилен Габриел Гарсија Маркес, дека ритамот е една од суштинските одредници на секој текст.
За да отстранам некои од моите сомнежи околу начинот на пишување на Драги, го повикав Венко Андоновски, а кого друг ако не пријателот, а покрај тоа и мајстор на пишувањето, за да ми потврди или одрече дали сум или не сум во право во однос на начинот на пишување во Бајазит и Оливера.
Ми потврди дека сум на вистинската трага и дека, ако го решам тоа на соодветен начин, можам да се надевам на добро завршена работа. Да речеме: не го кажа тоа токму со овие зборови, туку онака како што тој знае подобро од мене, како писател, но и како теоретичар.
И сосема лично: пријателе, ти благодарам за тој разговор и за поддршката да продолжам со толкувањето на „Бајазит и Оливера“ без страв.
Од утро до вечер, од вечер до полноќ, не баш секој ден, стигнав до крајот на преведувањето и толкувањето на романот, кој потоа го прочитав уште пет-шест пати (Ранко Маринковиќ би рекол, мислам, на едно место „шест-пет“!) и по сите тие читања се загледав во две фотографии на некогашната прирачна библиотека на мојата македонска баба Ана.
И уште нешто неизбежно, а вредно за внимание: му го понудив Бајазит и Оливера на ТИМ прес. Романот беше прифатен. И објавен. Со големиот труд на госпоѓите Дијана Бахтијари и Зденка Крилчиќ, како и на господинот Хашим Бахтијари.
Имено, овој издавач веќе објави убава збрика дела од македонската книжевност, во која се наоѓаат Луан Старова, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, а од оваа година и Драги Михајловски.
И на крајот, ви благодарам на сите вас присутни, на колешките и колегите, пријателките и пријателите, студентките и студентите, на членовите на семејството на Драги Михајловски, како и на моите блиски роднини, и на организаторите на оваа свеченост на книгата, но и на мојата снаа Морана и синот Марко, поет и романописец, кои ми се придружија на овој ден што веќе засекогаш е запишан во моето сеќавање.
Ви благодарам на сите.
Борислав Павловски Боро







