„Сега ќе ве изненадам сите и ќе ви прочитам извадок од мојот роман на македонски јазик“ – рече писателката Лилјана Коробка пред присутните во „Паркот на поезијата“.
30.09.2026 – Официјалната програма на вториот ден од BookStar 2026, кој годинава се одржува под мотото FREE AT LeAST – ЧУМУ СЛОБОДАТА?, започна во „Паркот на поезијата“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде на книжевното читање насловено „Чуму слободата“ странските автори Саша Бронвасер, Лилјана Коробка, Мартина Видаиќ, Елој Морено и Јап Робен, како и домашните автори Ивана Трајкоска, Томислав Османли, Лилјана Пандева, Иван Шопов и Соња Станковска читаа извадоци од своите дела на јазикот кој самите го одбираа. Настанот го модерираше водителот Марко Марк.
Можеби највозбудливиот дел од настанот беше моментот кога авторката Лилјана Коробка излезе на сцената и се обрати на македонски јазик, а потоа се потруди пред присутните да прочита извадок од преводот на нејзиниот роман „Крајот на патот“ и го прочита на македонски јазик, иако не го зборува.
View this post on Instagram
Претходно странските гости беа дел од настанот „Кога писател шета писатели“, во рамки на кои писателот Васко Марковски ги поведе на прошетка за културолошко запознавање на Скопје. Гостите имаа можност да прошетаат и да се запознаат со знаменитостите и историјата на улица „Македонија“, централниот плоштад, Старата чаршија, црквата „Свети Спас“ итн.

КНИЖЕВНИ РАЗГОВОРИ ЗА ИСТОРИЈАТА, МЕМОРИЈАТА, ЗАГУБАТА И КНИЖЕВНОСТА
Вечерната програма на вториот ден од BookStar 2026 започна со гостувањата на Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ во поткастот „Антологџии“ на Душко Крстевски.
Потоа следуваа два книжевни разговори, првиот со Лилјана Коробка и Саша Бронвасер, насловен: Како да (не) се раскажува историјата?.
Настанот го модерираше Александар Маџаровски, а двете гостинки зборуваа за тоа како историјата, траумата и меморијата влијаат врз пишувањето ан книжевните дела.
Лилјана Коробка даде посебен осврт на тоа како нејзиното детство во Советскиот Сојуз и нејзината научна работа во архивите и истражувањето на цензурата за време на СССР влијаеле во пишувањето на нејзиниот роман „Слушај“, додека, пак, Саша Бронвасер, појасни како нејзините лични сеќавања од животот во Париз во периодот на 80-тите години ѝ помогнале во креирањето на приказната во романот „Слушај“.
Мартина Видаиќ и Јап Робен, со модераторот Владимир Јанковски разговараа за загубата, сеќавањето и невидливите животи. Мошне интересен разговор, во кој авторите се осврнаа на процесот на пишувањето на нивните романи „Дрвеници“ и „Светлината на самракот“.

Јап Робен даде интересен осврт за тоа како меморијата и сеќавањата влијаат врз нашите животи, но и врз формулирањето на нашиот идентитет како личности. Како што рече:
„Меморијата е како мало парче стакло кое го носиме во нашите чевли. Ако ја поткренеме ногата, можеме да чекориме, но, ако газиме цврсто чувствуваме болка. Затоа, се учиме да одиме со поткрената нога и да не газиме на тоа парче стакло. Но, со текот на времето чувствуваме дека заради тоа почнува да нè боли коленото, па колкот, грбот итн… И сето тоа се случува заради тоа мало парче стакло во нашите чевли…“ – рече тој пред присутните.
По секој од разговорите авторите потпишуваа книги за присутните гости.
30 СЕПТЕМВРИ – САТРАПИ, ЈАХИНА И ДЕБАТА ЗА БЕСТСЕЛЕРОТ
Последниот фестивалски ден започнува во Europe House Skopje, со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, во кој ќе учествуваат Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски.
Во 19 часот во Лабораториум следува средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите кои го освоија книжевниот свет – „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами.
Фестивалската програма ќе заврши со дебатниот Fight Club: „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој во два, навидум спротивставени, тима ќе дебатираат: Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга страна. Модератор е Александра Јуруковска.
Како и претходните денови, денот завршува со послепрограмата „До фајронт“.

BOOKSTAR 2026 – ЛИТЕРАТУРАТА КАКО ПРОСТОР НА СЛОБОДАТА
Со годинашното издание BookStar продолжува да го физиономира Скопје како место за средба на европската и македонската литература. Во фокусот се различните начини на кои книжевноста ја преиспитува слободата – од личното искуство и меморијата, преку историјата и општеството, до технологијата и иднината.
Влезот на сите настани е бесплатен.
Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Ахмет Умит, Леа Ипи и многу други автори од речиси сите европски држави, како и стотина македонски автори.
Фестивалот „BookStar“ 2026 се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Амбасадaтa на Кралството Холандија и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадaтa на Кралството Шпанија, Традуки, Холандскиот фонд за литература, како и на Европската Унија. Дизајнот на визуелниот идентитет е дело на Бранко Прља.
Следете нè на:
@antolog_mk
@bookstar_festival
Youtube
https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA







