16 октомври, Скопје
Обраќање на Ана Пејчинова – Добитничка на наградата „Драги“ 2026
За македонските преведувачи, нема поголема и подрага чест од оваа: нивното дело да биде вреднувано со Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Честа, за мене, е двојна: потврда на успешноста на мојот препев на Нобеловецот Радјард Киплинг, и длабок поклон пред ненадминливиот бард на препевот Драги Михајловски.
Им благодарам на членовите на жири-комисијата – тројца врвни поети и преведувачи; на „Антолог“ што секоја година со оваа награда го актуелизира преводот како креативна книжевна форма и го става во фокус инаку невидливиот преведувач; и на издавачката куќа „Полица“, која им даде дом на „Избраните песни од Радјард Киплинг“. Сакам да го спомнам и Тихомир Јанчовски, кој прерано нѐ напушти: неговата помош при финализирањето на ова дело беше бесценета. На крај, со почит ги поздравувам и другите препејувачи кои учествуваа на конкурсот со исклучителни дела.
Радјард Киплинг за мене има посебно значење. Мојот препев на неговите стихови започна во јужните пустини на Авганистан, кадешто живеев повеќе години помеѓу Паштуните – среде предели и племиња кои Киплинг ги опева толку речито во своите балади. Тој патувал, живеел и творел во далечни делови на светот кои што имав среќа да ги видам, еден век подоцна: Индија, Пакистан, Авганистан и Азија, меѓу другите.
Неговите песни се изненадувачки разнолични: покрај култната „Ако“ („If“), Киплинг раскажува фасцинантни приказни за егзотични ликови од „мали“ народи и поднебја, во песни полни со хумор, херојства, преданија и анегдоти. Беше прекрасен предизвик да се препее овој автор, од повеќе причини. Тој е тешко читлив и за денешниот Британец: наизменично користи архаизми, лирски пој, но и груб уличен говор од раниот XX век, како и војнички жаргон проткаен со урду и хинди позајмици. Најчесто пее во рима и ритам, што се обидов верно да го пресоздадам во класичен стих на македонски јазик. Верувам дека песните, посебно сега, „овенчани“ со „Драги,“ ќе ги заинтриграат љубителите на поезијата.
Препевот, посебно оној со љубов кон делото на еден велик автор, подразбира прекрасен, посветен процес, и е награда сама по себе. Како и поезијата, тој е резба на дух во јазик, но во него, дополнително, градиме и мост за македонскиот читател да патува во туѓи култури, времиња, поднебја и народи – далечни, а со блиско срце и дух. Оваа награда осветлува вакви мостови под знамето на Драги, и со тоа ја продолжува неговата бесценета книжевна оставнина.
Ви благодарам за оваа радосна чест,
Ана Пејчинова







