„Букстар“ е десет години борба.
Борба за слобода.
Борба за слобода на мислата.
Борба да се биде свој.
Борба да се припаѓа, но и борба да се биде поинаков.
„Букстар“ е десет години инспирација.
Инспирација за писателите, за читателите, за премолчаните и инспирација за заборавените.
Кого сè инспираше “Букстар“?
Најпрво сите нас тука, од вредните тимови што стоеја зад фестивалот, до целата книжевна, медиумска и општествена јавност.
Но ги инспирираше и гостите од секое крајче на Европа.
Илја Леонард Фајфер ќе создаде цел дел од својот капитален роман „Гранд Хотел Европа“ по својот престој на BookStar.
Го инспирираше и неповторливиот Славој Жижек да ја состави збирката есеи „Пепелник во еден хотел во Скопје“.
Инспирираше колумни на Славенка Дракулиќ и купишта честитки и благодарници од сите кога ќе заминеа оттука со полна душа.
Но, за жал, ги инспирираше и оние што се хранат од завист и кои двапати се обидоа да го згаснат единствениот фестивал на европска литература во регионот.
Но, за среќа, нè инспирираше и нас да не им го дозволиме тоа.
Зашто „Букстар“ е и десет години поддршка, десет години подавање рака.
Поддршка на квалитетната литература, но и поддршка на оние што поради една или друга причина изгубиле нешто што мнозинството од нас го имаат.
Затоа, „Букстар“ е и десет години поддршка на инклузивните умови, на креативните души, на зелените идеи, на трансформацијата на нашата држава во културно и модерно општество.
Но и ние сме благодарни.
Благодарни на поддршката што десет години ја добиваме, помалку или повеќе – сеедно, од различни домашни и странски партнери. Без вас веројатно немаше да ја исполниме цела оваа деценија докрај.
„Букстар“ е десет години сон.
Сонување со затворени и со отворени очи.
„Букстар“ е десет години сонување ѕвезди.
Како што вели Петре, да, Андреевски: „Ќе ти наберам ѕвезди, само да ме сакаш.“
Или Радован, точно, Павловски: „Тоа беше како проклетство што дење гледав ѕвезди. Ти се приближував и моите прсти се полнеа мрак и говор.“
Изговарам гласно дека „Букстар“ е десет години книжевни ѕвезди.
Видовме кои беа во минатото, а годинава тоа се: Кристијан Новак, Јон Калман-Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Игор Маројевиќ, Паола Перети, Фарук Шехиќ, Мирженка Чехова, Румена Бужаровска, Алесандро Барико и сите други од ова прекрасно фестивалско соѕвездие.
Ви симнувам капа што сте дел од оваа приказна.
„Букстар“ е десет години борба, инспирација, поддршка и сон.
Да се бориме, да се инспирираме, да се поддржуваме и да сонуваме ЗАЕДНО.
Скопје, 30.09.2024