В понеделник, 28 септември, почнува 12. Фестивал на европската литература BookStar кој ќе се одржи од 28 до 30 септември 2026 година во Скопје, под мотото „Чуму слободата?“ / „FREE AT LeAST?“, и ќе донесе три фестивалски денови исполнети со средби со европски и македонски автори, разговори, книжевни читања, поткасти, дебати и неформални фестивалски настани.
Годинашното издание ги отвора прашањата за слободата, личната и колективната меморија, книжевноста и историјата, но и за светот што забрзано се менува под влијание на технологијата и вештачката интелигенција.
Фестивалот официјално ќе биде отворен во 19.30 часот во Лабораториум, а програмата започнува уште во 13 часот со средба на шпанскиот автор Елој Морено со ученици од средни училишта во Театар Комедија. Местата за оваа средба се веќе потполнети.
Странските автори кои годинава доаѓаат во Скопје се ексклузивни имиња на европската литература: Јап Робен (Холандија), Елој Морено (Шпанија), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Гузел Јахина (Казахстан), Саша Бронвасер (Холандија). Претходно во Скопје гостуваше и Леа Ипи (Албанија/Велика Британија), како добитничка на наградата BookStar 2026. Во програмата се вклучени и над 30 македонски учесници, меѓу кои Влада Урошевиќ, Снежана Стојчевска, Александар Русјаков, Лилјана Пандева, Оливера Ќорвезироска, Петар Андоновски, Иван Шопов, Фросина Пармаковска и многу други.
28 СЕПТЕМВРИ – ОТВОРАЊЕ
Првиот фестивалски ден започнува со разговорот „Колку лајкови се потребни за среќа?“, на кој најчитаниот шпански автор во моментов, Елој Морено, ќе разговара со средношколци за современиот свет, врсничкото насилство, социјалните мрежи и потрагата по среќа.
Во 18 часот во Лабораториум ќе се одржи отворањето на 12. Саем на европската литература BookStar и презентација на европскиот книжевен проект EUREKA.
Во 18.30 часот следува разговорот „Од робот до четбот: дискусија за ерата што доаѓа“, со Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска, Александар Русјаков и Влада Урошевиќ, модериран од Фросина Пармаковска.
Официјалното отворање на BookStar 2026 е закажано за 19.30 часот кога Оливера Ќорвезироска (добитничка на наградите „Рациново признание“, Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“, „Стале Попов“ и автор на годината на МАИ) ќе се обрати на публиката и ќе го прогласи Фестивалот за отворен.

Во 20 часот Елој Морено ќе биде гостин на разговорот „Малиот принц на шпанската литература“, со Весна Мојсова-Чепишевска, со превод на Ненад Велковски и обезбеден превод на знаковен јазик. По тој повод се објавува и книгата „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на „Малиот принц“ на Антоан де Сент-Егзипери, создадена во соработка со наследниците на францускиот автор.
29 СЕПТЕМВРИ – АВТОРИ, ИСТОРИЈА, МЕМОРИЈА И ТИШИНА
Вториот фестивалски ден започнува со неформалната книжевна тура „Кога писател шета писатели“ со Васко Марковски, а напладне во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи големото книжевно читање „Чуму слободата?“.
На читањето ќе настапат Елој Морено (Шпанија), Јап Робен (Холандија), Мартина Видаиќ (Хрватска), Лилјана Коробка (Молдавија/Романија) и Саша Бронвасер (Холандија), заедно со македонските автори Соња Станковска, Лилјана Пандева, Томислав Османли, Ивана Трајаноска и Иван Шопов.
Во вечерната програма во Лабораториум следуваат две изданија на поткастот „Антологџии“, со Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ, модерирани од Душко Крстевски, а потоа разговорот „Како (да) се раскажува историјата? Лична меморија, историска траума и книжевност“, со Саша Бронвасер и Лилјана Коробка. Модератор е Александар Маџаровски.
Вечерта продолжува со „Мапа на тишината: загубата, сеќавањето и невидливите животи“, разговор меѓу Мартина Видаиќ и Јап Робен. Модератор е Владимир Јанковски.
30 СЕПТЕМВРИ – САТРАПИ, ЈАХИНА И ДЕБАТА ЗА БЕСТСЕЛЕРОТ
Последниот фестивалски ден започнува во Europe House Skopje, со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, во кој ќе учествуваат Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски.
Во 19 часот во Лабораториум следува средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите кои го освоија книжевниот свет – „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами.
Фестивалската програма ќе заврши со дебатниот Fight Club: „Бестселерот (не) може да биде голема литература“, во кој во два, навидум спротивставени, тима ќе дебатираат: Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга страна. Модератор е Александра Јуруковска.
Како и претходните денови, денот завршува со послепрограмата „До фајронт“.
BOOKSTAR 2026 – ЛИТЕРАТУРАТА КАКО ПРОСТОР НА СЛОБОДАТА
Со годинашното издание BookStar продолжува да го физиономира Скопје како место за средба на европската и македонската литература. Во фокусот се различните начини на кои книжевноста ја преиспитува слободата – од личното искуство и меморијата, преку историјата и општеството, до технологијата и иднината.
Влезот на сите настани е бесплатен.
Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Ахмет Умит, Леа Ипи и многу други автори од речиси сите европски држави, како и стотина македонски автори.
BookStar останува книжевна гордост на нашиот главен град и на Македонија.
Фестивалот „BookStar“ 2026 се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Амбасадaтa на Кралството Холандија и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадaтa на Кралството Шпанија, Традуки, Холандскиот фонд за литература, како и на Европската Унија. Дизајнот на визуелниот идентитет е дело на Бранко Прља.
Следете нè на:
@antolog_mk
@bookstar_festival
Youtube
https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA
Valentina Kujundjiska
Executive editor
Antolog Books
Gjorgji Pulevski 29 loc.1
1000 Skopje
Macedonia
www.antolog.mk
Mob: +389 70 71 31 74
Phone: +389 2 3201 007










