Скопје, 14 септември 2026
Да се разбереме, Елој Морено е „најчитаниот шпански писател“ во моментов и конечно ни се исполни желбата тој да гостува пред нашата публика и пред нашите читатели. Горди сме што тој ќе биде дел од „BookStar“ 2026, со што уште еднаш докажуваме дека „BookStar“ како книжевен фестивал, и, воопшто, „Антолог“ како издавачка куќа, се тука за да го претстават најдоброто и најквалитетното од светот на литературата.
Секое гостување на „BookStar“ е посебна приказна, но, нам ни е исклучително драго што овој пат успеавме да го освоиме Морено на негов терен – онака како што тој сам ја освојуваше својата публика: лице в лице! Иако минатите години повеќепати му се обративме преку агенти и преку официјалните канали, не добивавме позитивен одговор – затоа, како што тој им пристапувал на своите први читатели и им го нудел својот роман, ние одлучивме да му пристапиме на еден странски саем за книги за да го поканиме во Македонија, и – ете, желбата ни се исполни. Морено, уште еднаш ни покажа и ни докажа дека истрајноста е можеби најважниот квалитет…
Елој Морено конечно ќе биде специјален гостин на Фестивалот BookStar, како дел од програмата на странски автори кои се иднината на светската книжевност. Ова претставува негова прва посета на целиот наш регион!

За оние што не знаат (ако има и такви), Морено (1976) е писател, автор на книги за деца и возрасни и во моментот е најчитаниот современ шпански автор. По студиите по информатика и работата како информатичар, во 2010 година решава самостојно да го објави својот прв роман, „Зеленото пенкало“, кој со текот на времето ќе продаде повеќе од 250 000 примероци. Следуваат романите „Она што го најдов под каучот“ (2013), „Подарокот“ (2015) и „Невидлив“ (2018), со кој Морено стекнува огромна домашна и меѓународна публика. „Невидлив“ е преведен на повеќе од 15 јазици и е адаптиран во серија за Disney+.
Потоа ги објавува „Земја“ (2020), „Различен“ (2021), „Кога беше забавно“ (2022) и „Мрежи“ (2024), роман сместен во истиот универзум со „Невидлив“ и посветен на влијанието на социјалните мрежи. „Приказни за да го разбереме светот“ е наменета и за возрасни и за деца и се чита во голем број образовни установи. Неговиот најнов проект е збирка илустрирани приказни за најмладите: „Заедно“, „Сакам сè“, „Невидлив“ и „Правилата на глувчето Перез“.
Неговите книги се преведени на повеќе од 25 јазици, објавени се во над 30 земји и се продадени во импозантни над три милиони примероци.
Во 2025 година, заедно со илустраторот Давид Сиера, го создава „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на „Малиот принц“ на Антоан де Сент-Егзипери, создадена со одобрување со наследниците на францускиот автор. Осум децении по објавувањето на бесмртниот класик, Морено му оддава почит, но и му дава нов живот, потсетувајќи нè дека она што навистина е важно и денес често останува невидливо за нашите очи. Оваа книга, во превод на македонски јазик на Виолета Јагев, ќе биде објавена специјално за гостувањето на Елој Морено во Скопје.

Новото патување на Малиот принц
Покрај тоа, шпанскиот автор на 8 февруари 2025 година го собори Гинисовиот светски рекорд за најмногу потпишани книги во 12 часа, со неверојатни 11 088 потпишани книги. Како еден од најчитаните и најомилените писатели, познат по својата способност да обработува универзални теми со особена чувствителност и секогаш од неочекувани перспективи, пишува за секојдневниот човек и за теми што ги препознаваме во сопствениот живот – осаменоста, семејството, љубовта, социјалниот притисок, врсничкото насилство, технологијата и потребата да бидеме видени и прифатени. Неговите книги се одликуваат со едноставен и непосреден стил, но отвораат сложени морални и општествени прашања.
Досега на македонски јазик во издание на „Антолог“ му се преведени четири од вкупно десет книги. Поради актуелноста на темата (врсничко насилство) и стилот со кој е напишана неговата книга „Невидлив“ од неодамна по предлог на Бирото за развој на образованието стана дел од изборната литература за прва година гимназиско образование во Република Македонија.
Подетални информации за датумот, локацијата и програмата ќе бидат објавени наскоро.
Елој Морено се придружува на долгата листа реномирани и познати авторски имиња од цела Европа кои досега учествувале на „BookStar“: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото, Ахмет Умит, Леа Ипи etc.
Во меѓувреме беа најавени и останатите странски книжевни ѕвезди што ќе учествуваат на „BookStar“ 2026:
Guzel Yakhina (Казан, 1977) е татарска писателка и сценаристка, една од најзначајните современи авторки од руското говорно подрачје. Студирала странски јазици во Казан и филмско сценарио во Москва. Авторка е на романите „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“, „Возот за Самарканд“ и „Ејзен“. Нејзините дела, одликувани со најпрестижните книжевни награди, меѓу кои „Голема книга“ и „Јасна Полјана“, се преведени на повеќе од 40 јазици.
Jaap Robben (Остерхaут, 1984) е холандски писател и поет, автор на романи, поезија, книги за деца и драмски текстови. Автор е на романите „Бирк“, „Летна кожа“ и „Светлината на самракот“, добитник на повеќе книжевни награди и преведен на повеќе јазици. Во својата проза пишува за загубата, семејството, осаменоста, вината и грижата, со едноставен, прецизен и поетичен јазик.
Liliana Corobca (Сасени, 1975) е молдавско-романска писателка, научничка и истражувачка на комунизмот, цензурата и егзилот во романската литература. Авторка е на повеќе романи, меѓу кои „Негрисимо“, „Киндерленд“, „Тетратката на цензорот“ и „Крајот на патот“. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, а за „Киндерленд“ ги добила наградите „Radio România Cultural“ и „Кристал“ на фестивалот во Виленица.
Martina Vidaić (Задар, 1986) е хрватска писателка и поетеса. Авторка е на повеќе поетски збирки и романи, меѓу кои „Ера на влекачите“, „Анатомија на стаорци“ и „Дрвеници“, за кој во 2023 година ја добива Наградата за литература на Европската Унија. Добитничка е и на наградите „Горан“, „Иван Горан Ковачиќ“ и „Јанко Полиќ Камов“. Нејзините дела се преведени на повеќе од десет јазици.
Sacha Bronwasser (Рајсвајк, 1968) е холандска писателка, историчарка на уметноста и поранешна уметничка критичарка. Дваесет години пишувала за визуелната уметност во „de Volkskrant“. Авторка е на романите „Ништо не е излажано“ и „Слушај“, номиниран за повеќе книжевни награди и во подготовка за филмска адаптација, како и на збирката раскази „Случувањата“. Нејзиното творештво ги истражува меморијата, траумата и влијанието на уметноста врз човековото гледање на светот.
Во август во Скопје гостуваше и Lea Ypi (Драч, 1979), албанска писателка и професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија. Студирала филозофија и литература во Рим, а докторирала на Европскиот универзитетски институт во Фиренца. Авторка е на повеќе академски книги и на мемоарот „Слобода: созревање на крајот на историјата“, награден со „Ондатје“ и „Слајтли Фокст“ и преведен на повеќе од 35 јазици. Во 2021 година „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители, а годинава во Скопје ја доби наградата „BookStar“.
Македонските учесници што досега се најавени од страна на организаторот се:
Aleksandar Rusjakov е македонски поет, писател, сценарист и колумнист. Автор е на повеќе романи, раскази и поетски книги. Добитник е на наградите „Пегаз“, „Рациново признание“ и „Антево перо“. Сценарист е на повеќе филмови и соавтор на „Еднооки“.
Valentin Neshovski е македонски новинар, уредник и писател. Автор е на научнофантастичната трилогија „Една книга“, „Последната мисла во универзумот“ и „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“. Во творештвото ги истражува футуризмот, вештачката интелигенција и етиката на технологијата.
Vlada Urošević е македонски академик, поет, писател, критичар и преведувач. Автор е на 11 поетски збирки и бројни прозни дела. Добитник е на највисоките книжевни награди, а во 2023 година го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Dijana Petrova е македонска писателка и професорка по македонски јазик и литература. Авторка е на четири книги и добитничка на три награди за расказ. Во творештвото ги истражува женската приказна, меморијата и премолчените гласови.
Zoran “Dzoff” Spasov е македонски писател, романописец и драматург. Автор е на осум книги, меѓу кои „Тито – мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“ и „И јас сум Сирма“. Пишува со хумор, иронија и препознатлив скопски дух.
Jovan Ilieski е македонски писател и гешталт психотерапевт. Автор е на седум романи, меѓу кои „Татко ми, Босфор“, преведен и објавен на турски јазик. Добитник е на повеќе државни награди, а неговите книги имаат над десет распродадени тиражи.
Nenad Joldeski е македонски писател, автор на раскази, роман и поезија. За „Секој со своето езеро“ ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2016 година. Неговото творештво е преведено на повеќе јазици.
Petar Andonovski е македонски писател, автор на поетска збирка и пет романи. Добитник е на наградите „Роман на годината“, Наградата за литература на Европската Унија, признанието за најуспешен домашен автор и „ПЕН преводи“.
Snežana Stojčevska е македонска поетеса и уредничка. Авторка е на седум поетски книги, меѓу кои „Под нулата“, наградена со „Бели мугри“. Била директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Sonja Stankovska е архитект и дизајнер, но во основата е раскажувач на приказни, без разлика на медиумот што го користи. Гради светови од линии, простори и зборови. „Фобос“ е нејзина прва објавена книга, која беше финалист за наградата Роман на годината за 2025 година.
Suzana Kamberova е македонска дерматолог и раскажувачка. Авторка е на четири романи на македонски и српски јазик. Нејзиното творештво ги истражува мистериозното, скриеното и границата меѓу реалното и имагинарното.
Фестивалот „BookStar“ 2026 се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Амбасадaтa на Кралството Холандија и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадaтa на Кралството Шпанија, Традуки, Холандскиот фонд за литература, како и на Европската Унија. Дизајнот на визуелниот идентитет е дело на Бранко Прља.
Следете нè на:
@antolog_mk
@bookstar_festival
Youtube
https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA







