21 септември 2026
БОРИСЛАВ ПАВЛОВСКИ ОД ХРВАТСКА – ДОБИТНИК НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА НАГРАДА „ДРАГИ“ ЗА ПРЕВОДОТ НА „БАЈАЗИТ И ОЛИВЕРА“ ОД ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ
ДВАНAЕСЕТ ПРЕПЕВИ ВО ВТОРИОТ КРУГ ЗА НАГРАДАТА „ДРАГИ“2026

Жири-комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ преку дискусија во вториот круг на селекција одлучи да влезат 12 дела во препев објавени од 6 издавачки куќи, во превод на 12 преведувачи и од 8 различни јазици. Делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на препејувачите):
- Ana Pejčinova f or the translation from English of “Selected poems” („Избрани песни“) by Rudyard Kipling, published by “Polica”, 2024;
- Daniela Spiroska, for the translation from English of “The Complete Poems” („Песни“ ) by Dylan Thomas, published by “PNV Publishing”, 2026;
- Dragana Evtimova, for the translation from Slovenian of “Tuskulum”’ („Тускулум“) by Denis Škofič, published by “PNV Publishing”, 2025;
- Eli Pujovska, for the translation from Dutch of “Selected Poems” („Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“), published by “Struga Poetry Evenings”, 2026;
- Zvonko Taneski, for the translation from Slovak of “Selected Poems”(„Златен венец – одбрани песни од Иван Штрпка“), published by “Struga Poetry Evenings”, 2025;
- Ivan Šopov, for the translation from Bulgarian of “Letters to Niya, My Unborn Child” („Писма до Нија која не ја родив“) by Dimana Yordanova, published by “Čudna šuma”, 2026;
- Igor Radev, for the translation from Chinese of “Meaningless poems” („Безначајни песни“) by Xi Chuan, published by “Struga Poetry Evenings”, 2026;
- Julijana Veličkovska, for the translation from English of “Burying the Wren”(„Погребувањето на глувчарапчето“ ) by Deryn Rees-Jones, published by “PNV Publishing”, 2025;
- Ksenija Čočkova, for the translation from German of “The re-introduction of the hourglass” („Повторното воведување на песочниот часовник“) by Michael Krüger, published by “Struga Poetry Evenings”, 2026;
- Nikola Gjelinčeski, for the translation from English of “Mess” („Неред“) by Peter Mackay, published by “Struga Poetry Evenings”, 2026;
- Nikola Madjirov, for the translation from Bulgarian of “Where We Are Not” („Таму каде што не сме“) by Georgi Gospodinov, published by “Ili-Ili”, 2025;
- Petar Andonovski, for the translation from Greek of “30 Contemporary Greek Authors” („30 грчки современи автори“), published by “Prozart”, 2025;
Интернационална награда „Драги“ 2026

Исто така, жирито одлучи интернационалната награда „Драги“ за најдобар превод на книжевно дело напишано во оригинал на македонски јазик да му се додели на Борислав Павловски за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен годинава во издание на престижната издавачка куќа „ТИМ прес“ од Загреб, Хрватска.
Борислав Павловски е еден од истакнатите преведувачи од македонски јазик, препознатлив по својот исклучителен јазичен усет, книжевна прецизност и посветеност на пренесувањето на вредни дела од македонската литература во хрватскиот културен простор. Со својот долгогодишен опус и дејност, тој значајно придонесува за афирмацијата на македонската книжевност, додека во својот најнов превод, Павловски се соочува со исклучително сложен и повеќеслоен текст, во кој се преплетуваат историското и интимното, поетското и филозофското, возвишеното и телесното. Преведувачот со голема јазична чувствителност и книжевна прецизност успева да го пренесе богатството на авторскиот израз, зачувувајќи ја неговата ритмичност, стилска особеност и емоционална длабочина.
Посебна вредност на преводот е способноста да се воспостави природен и уверлив книжевен јазик, кој не само што верно го следи оригиналот, туку и самостојно функционира како книжевен текст. Преку внимателен избор на зборови, прецизно пренесување на нијансите и чувството за историскиот и културниот контекст, Павловски создава превод што му овозможува на читателот од друг јазичен простор да ја почувствува целата драматичност и комплексност на романот.
Преводот на „Бајазит и Оливера“ претставува пример за преведувачка работа во која верноста кон оригиналот и творечката слобода се наоѓаат во внимателно воспоставена рамнотежа. Токму во тоа се состои и неговата најголема вредност: во способноста делото на Драги Михајловски да проговори со истиот интензитет, книжевна сила и универзалност и пред новата читателска публика.
Ова признание има и симболично значење, бидејќи доделувањето се совпаѓа со одбележувањето на 75 години од раѓањето на Драги Михајловски – еден од најзначајните македонски писатели, преведувачи и книжевни мислители, во чија чест и се организираат овие преведувачки награди. Токму затоа, наградувањето на преводот на негово дело претставува не само признание за извонредниот труд на Павловски, туку и потсетување на трајната вредност на книжевноста на Михајловски и на нејзината способност да ги надмине јазичните и културните граници.
Поради исклучителниот квалитет на преводот, јазичната и стилската чувствителност на преведувачот, како и поради симболиката што ја носи ова признание во годината кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на Драги Михајловски, наградата „Драги“ со особено задоволство му се доделува на Борислав Павловски за преводот на романот „Бајазит и Оливера“ на хрватски јазик.
Борислав Павловски (Бјеловар, 1950) е македонист, филолог, театролог, преведувач, универзитетски професор и автор. На Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб дипломирал јужнословенски јазици и книжевности и филозофија, каде што подоцна магистрирал и докторирал од областа на филологијата и театрологијата. Магистерскиот труд му е посветен на обликувањето на ликовите во драмите на Коле Чашуле, а докторската дисертација на просторот во драмите на Чашуле.
Од 1975 до 1978 година работел како постојан дописник на „Нова Македонија“ од Република Хрватска, известувајќи за културниот и општествениот живот. Во 1978 година бил избран за асистент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. На истиот факултет ја продолжил својата долгогодишна академска кариера и од 1986 година до пензионирањето во 2020 година бил раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност.
Како гостински наставник и професор предавал македонски јазик и книжевност на универзитетите во Осиек, Риека, Гетеборг, Марибор и Задар. Во текот на својата кариера бил раководител на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности, претседател на Хрватското филолошко друштво и заменик-претседател и претседател на Хрватско-македонското друштво, чијшто еден од основачите е.
Павловски има објавено бројни книжевни критики, есеи, студии, книжевни расправи и енциклопедиски прилози посветени на македонската книжевност, во хрватски и странски енциклопедиски и лексиконски изданија. Особено внимание посветил на проучувањето на поставувањето на делата на хрватските драматурзи Марин Држиќ, Мирослав Крлежа и Иво Брешан на македонските сцени.
Автор е на книгите „Во знакот на компаративното читање“ (2000), „Простори на театарските свечености“ (2000) и „Од текст до претстава“ (2007), а е и коавтор на книгата „Македонска книжевност“. Како антологичар и приредувач ги потпишува, меѓу другото, „Современи македонски драми“, „Господари на лавиринтот“, „Антологија на новата македонска драма“ и „Антологија на современата македонска поезија – Пронајдениот збор“ (2023).
Посебно значајно место во неговиот опус зазема преводот и афирмацијата на македонската литература во хрватскиот културен простор. Преведувачкиот опус на Борислав Павловски опфаќа повеќе од четири децении работа и претставува значаен придонес за афирмацијата на македонската книжевност во хрватскиот културен простор. Превел и приредил дела од најзначајните македонски автори од различни жанрови – романи, раскази, драми, поезија, книжевноисториски и научни трудови, есеи и публицистика. Меѓу авторите чии дела ги преведувал се Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски, Венче Андоновски, Луан Старова, Драги Михајловски, Горан Стефановски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Лидија Димковска и многу други. Особено значајна е неговата работа на антологиите на современата македонска драма и поезија, со кои на хрватската публика ѝ претставил голем број македонски писатели. Неговите преводи се објавувани во книги, списанија, весници, антологии и зборници, а дел од драмите биле поставувани на хрватските театарски сцени. Покрај преводите од македонски, преведувал и од словенечки и бугарски јазик.
Го приредил и двојазичното издание на поезијата на Константин Миладинов „Да видам Охрид, Струга да видам / Da vidim Ohrid, Strugu da gledam“ (2001), со избор, преводи и биобиблиографски прилози за хрватски поети.
За својата научна, стручна, предавачка и преведувачка работа е добитник на бројни признанија, меѓу кои Медалот на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб, Медалот „Апостол Павле“ на Владата на Република Македонија, Рациновото признание и Меѓународното признание „Блаже Конески“ на МАНУ. Во 2008 година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ му ја доделиле титулата doctor honoris causa – почесен доктор на филолошките науки.
Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда четврта година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно се опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).
Follow us on:
Награда ДРАГИ
https://www.facebook.com/nagradadragi/
nagradadragi







