29 септември, Скопје
ОД „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ ДО „СОНЦЕ НА СЛОБОДАТА“
Жарко Кујунџиски
Почитувани автори, преведувачи, издавачи, читатели и пријатели во добро и зло,
Добре дојдовте на дванаесеттиот BookStar!
Секоја година се обидуваме да најдеме аспект или тема кои не само што ќе го обединат фестивалот, туку и ќе нè обединат сите нас околу жариштето на книжевноста.
Оваа година прашањето гласи кратко, можеби и малку чешито:
ЧУМУ СЛОБОДА?
Или, на англиски, како што е и официјалното мото на ова издание:
FREE AT LеAST?
Прашањето звучи како реторичко или како игра на зборови, но зад него стои една многу сериозна дилема: што значи денес да се биде слободен?
Ни се чини дека слободата е нешто што ни припаѓа, нешто што ни е дадено од раѓање. Но дали е навистина така?
Можеме ли да зборуваме за слобода ако некој друг човек на земјината топка нема право да избира? Можеме ли да зборуваме за слобода ако некој друг некаде не може слободно да се движи, да зборува, да пишува, да верува, да сака, да се именува како што сака или едноставно да биде она што сака да биде?
Кажано е: „Никој не е слободен сè дури сите не сме слободни.“
Слободата како процес на вечно и постојано одново извојување.
Можеби така и почнува нашата тема. Од огнената енергија на Мартин Лутер Кинг Јуниор пред Lincoln Memorial во Вашингтон:
„Free at last! Free at last! Thank you, God Almighty, we are free at last!“
Од FREE AT LAST! на 28 август 1963 година до FREE AT LеAST? на Букстар на 28 септември 2026 година дали е нешто суштинско променето во менталниот образец на човештвото?
Зборот слобода е и ултимативен хештаг, и на нашата самобитност и потрага по својство. Од „Слобода или смрт“ до „Сонце на слободата“ зарем постои друг клучен збор што толку го дефинира и македонскиот стремеж за самостојност и идентитет низ вековите?
Слободата е топос на лична и колективна еманација.
А слободата не е само право да кажеме „јас“. Таа е и способност да го слушнеме оној другиот, „ти“.
Книжевноста отсекогаш била третиот елемент во интервалот меѓу првото и второто лице еднина. Писателот има слобода да измисли друг свет, но преку него често ни зборува за вистинскиот свет и во име на некој друг. Да го постави прашањето што никој не се осмелил да го постави. Да ја погледне стварноста од агол од кој не сме ја виделе. Да ни посочи човек кого можеби никогаш не би го забележале. Да ни даде храброст да бидеме сосема друга верзија на себе.
И токму затоа книгата може да биде имплозивен простор на слобода или слободи. Во неа границите се поместуваат. Јазиците се среќаваат. Смислите се слојат и пластат една врз друга. Различните искуства стануваат блиски. Другиот престанува да биде само „друг“ и станува лик, глас, човек, со свои силни и кревки страни.
Оваа година за нас зборот кревкост има и едно малку поинакво, многу лично значење.
Пред само нешто повеќе од два месеца, нашата издавачка куќа беше погодена од катастрофа. За само неколку часа, нешто што го создававме со години, две и пол децении, беше изложено на неповратно уништување. Книги и книги, простор, опрема, материјали, генерациски труд – нешта што ни изгледаа фиксни и трајни, одеднаш станаа ронливи и минливи.
Во еден момент навистина не знаевме дали ќе имаме сила, услови, ентузијазам и можност повторно да застанеме на нозе.
А денес сме тука, простум.
Искрено, самиот факт што го отвораме 12-тиот BookStar за нас е мало чудо.
Не затоа што не се случила катастрофа. Туку затоа што, и покрај неа, пробуваме да продолжиме понатаму.
Зошто? Затоа што постојат нешта од кои едноставно не можеме и не сакаме да се откажеме. Тоа се книгите. Авторите. Преводите. Средбите меѓу луѓето и приказните. Вие.
Ова е нешто што го сакаме и кое го работиме со сето срце и со сета снага. И можеби токму во тие моменти, кога ни се покажува колку сè е кревко, најдобро разбираме што навистина ни е важно.
Некој веќе еднаш кажа: Или сте многу мудри или сте многу луди што после само толку кратко време правите Фестивал со сите овие прекрасни домашни и странски учесници. Веројатно сме од двете по малце, а можеби и нешто сосема трето или четврто за што не е место ниту време, бидејќи отсекогаш сме ги мразеле дефинициите. Дефинициите се дефинитивно граници, дланки на вратот на слободата.
Има уште една поговорка, дека во убавото секогаш сме заедно и мнозина, а лошото останува само за тебе. Оваа година многу конкретни луѓе со име и презиме ни покажаа дека тоа не е баш така. Дека помошта има потписник, речиси како што книгата има автор. Знам дека најголема услуга ќе им направам ако тие луѓе не ги спомнам тука со нивните имиња и презимиња. Но не можам да не им се заблагодарам јавно, но не можам да не кажам дека овој BookStar е обид да им се оддолжиме барем на дел од нив.
За надежта што ни ја влеаја.
За раката што ни ја подадоа.
За топлината што ни ја пружија.
И за слободата што ни ја овозможија.
Затоа на BookStar дилемата не е само: Дали сме конечно слободни? или: Дали сме барем слободни?
Одговорот не мора да се наоѓа во големите зборови или заклучоци.
Можеби понекогаш се наоѓа во една книга што преживеала потоп.
Во еден автор кој седнал да пишува после долгогодишна блокада.
Во една преведувачка која продолжила да преведува после породилна пауза.
Во еден читател кој отворил книга на крајот од најнапорниот ден во годината.
Или во една мала заедница која повторно се собира за, и покрај сè, да сподели нешто убаво за својот град и за својата држава, Македонија.
Затоа, ви благодарам што постоите и благодарам што за нас го споивте и „јас“ и „ти“ во едно.
Му благодарам и на малиот но исклучителен тим BookStar 2026, луѓе од и надвор од Антолог, без кои оваа година немаше да се случи ова мало чудо.
И да продолжиме да ја бараме слободата и таму каде што мислиме дека не можеме да ја најдеме.
Ја поканувам Оливера Ќорвезироска да ви се обрати и официјално да го прогласи Фестивалот за отворен.
Благодарам! ©







