
ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „BOOKSTAR“ 2026 ЗА КНИГАТА „СЛОБОДА“
Образложение за наградата: Ивана Трајаноска
„ДО СЛОБОДАТА И ПО НЕА“: РАЗГОВОР СО АВТОРКАТА ЛЕА ИПИ
Модератор: Калина Малеска
Леа Ипи во Скопје доаѓа како добитничка на наградата BookStar 2026 за книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?
Наградата ќе ѝ биде доделена на 24 август во 19 часот во „Лабораториум“, на преднастанот со кој BookStar го започнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември оваа година. За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „BookStar“ ќе зборува писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска.
По доделувањето ќе следува разговор со Ипи, кој ќе го модерира писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот ќе се фокусира на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.
Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.






