Разговор со авторите Стефан Хертманс (Белгија) и Франсис Кирпс (Луксембург)
Литературата отсекогаш имала потреба да ги разниша контурите на воспоставениот поредок на нештата. Да деконструира, да (де)контекстуализира, освести, промени. Преку светот што го материјализира да го измести читателот од неговата удобна позиција и да го натера да поставува прашања за тоа дали работите се токму онакви какви што ги сервираат доминантните центри на моќ.
Стефан Хертманс во романот „Вечно туѓа“ преку забранетата љубовна приказна за христијанката Вигдис Аделаис која се вљубува во Давид Тодрос, син на истакнат рабин, проговорува за едно општество моделирано од предрасудите, омразата и од стравот од инаквото. Иако настаните опишани во книгата се случиле речиси пред илјада години, конфликтите, недоразбирањата и понудените перспективи се исклучително современи и актуелни и за нашето современо (либерално) општество.
Збирката раскази „Мутации“ на луксембуршкиот писател Франсис Кирпс ни носи 7 раскази и една песна, секои базирани на класични текстови, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф. Во книгата која ги има добиено наградите „Servais“ и Наградата за литература на Европската Унија, авторот тргнува од добропознатите текстови за да ги промени, рециклира и трансформира. Притоа приказната за литературата која деконструира и ги менува перспективите е само еден аспект од овој нетипичен поетички пристап.
Меѓу другото, со Стефан Хертманс и Франсис Кирпс разговараме за тоа како и зошто приказните можат да вознемират и дали при тоа вознемирување тие можат и нешто да променат.
Настанот ќе го модерираат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска.