Почитувани присутни, почитувана Леа Ипи
Përshëndetje, Mirë se vini në Shkup, Welcome to Skopje
Овогодишен добитник на наградата „Букстар“ за 2026 година, на меѓународниот книжевен фестивал „BookStar“, посветен на темата „FREE AT LeAST!“ е професорката и философка Леа Ипи, за нејзиниот мемоар со оригинален наслов „Free: Coming of Age at the End of History”, објавен на англиски јазик во 2021 година. Преводот на македонски јазик, „Слобода, созревање на крајот на историјата“, што го изработи Калина Малеска, е објавен во 2024 година од издавачката куќа „Или-Или“.
Чест ми е и задоволство што ја имам можноста да кажам неколку зборови за мемоарот од Леа Ипи „Слобода, созревање на крајот на историјата“, кој, покрај овогодишната награда „Букстар“, ги добил и наградата „Рајденаур за кажување на вистината“ (Ridenhour Book Prize for Truth Telling, 2024), наградата „Ондатје“ на Кралското книжевно друштво за најдобро книжевно дело (Ondaatje Prize from the Royal Society of Literature for the best work [fiction, nonfiction, poetry], 2022), наградата „Лумо Скендо“ за најдобро нефикциско дело на албански јазик (Lumo Skëndo Prize for the Best Work in Albanian Nonfiction, 2022) и наградата на „Слајтли фоксд“, за најдобра дебитантска биографија (Slightly Foxed First Biography Award, 2022).
Да се пишува за слободата е предизвик. Не затоа што за слободата не е пишувано доволно, туку токму затоа што за слободата е напишано и кажано толку многу. Во историјата на човековата мисла, поимот слобода е еден од оние кои носат толку многу значења, но и толку многу надежи, а и исто толку противречности. Од античката философија поврзувајќи ја слободата со учеството на граѓанинот во политичкиот живот, преку прашањето на слободната волја, до просветителската идеја за автономијата и правото на поединецот, слободата постојано се преиспитува и редефинира. Во модерната мисла таа се усложнува уште повеќе: како слобода ОД ограничувања и слобода ЗА дејствување/или слобода да се дејствува; како можност за избор, но и одговорност кон тој избор; како политичко дејствување, но и како прашање за тоа колку нашите животи се обликувани од општествените односи и од структурите на моќ.
Но, сложеноста на слободата не произлегува само од долгата историја на обидите таа да се дефинира, опише, разјасни и разграничи. Таа произлегува и од фактот што слободата никогаш не е иста за сите. Не само што различни општества и политички уредувања различно ја разбираат и со тоа ја дефинираат слободата, туку затоа што и секој човек има сопствено сфаќање за тоа што значи да се биде слободен, кое исто така многу веројатно ќе го менува во текот на својот живот.
Од Платон, Аристотел, Августин, Хобс, Лок, Русо, Кант, Хегел, Маркс, Ниче, па Берлин, Сартр, Аренд, Фуко, Леа Ипи на едноставен, но длабоко информиран начин, прикажувајќи го созревањето на едно девојче во Албанија во сложените политичко-општествени и идеолошки промени на крајот од 20 и почетокот на 21 век, се надоврзува на оваа долга и секако некомплетна, низа сфаќања за слободата.
Мемоарите „Слобода“ од Леа Ипи не нудат една, конечна и универзална дефиниција на слободата. Напротив, делото „Слобода“ покажува колку различно може да се доживува слободата во рамките на едно семејство, во една земја и во едно историско време. За Нини, за таткото, за мајката и за самата Леа, слободата има различни лица. Тие имаат различен однос кон слободата затоа што тие имаат различни животни искуства, различни сеќавања, различно минато, па дури и сегашност, различни стравови и различни идеали. Во мемоарот „Слобода“ ќе сретнеме мноштво разбирања за слободата, некои длабоко сериозни, други наивни и недооформени, трети дури и иронични. Во „Слобода“ слободата не е апстрактен филозофски концепт, туку нешто што секој лик го живее, го замислува и реобмислува, го посакува и го губи на различен начин и тоа неколкупати. Мемоарот на Ипи нè потсетува дека слободата не е состојба што еднаш се достигнува и потоа засекогаш се поседува. Таа е постојана потрага, постојано преиспитување и постојано редефинирање. Во таа смисла, потрагата по слободата наликува на потрагата по Светиот грал, потрага што никогаш не завршува. Слобода, толку посакувана, а речиси недофатлива.
Но, мемоарот „Слобода“ не е значаен само затоа што поставува длабоко филозофски, политички и суштински осмислени универзални прашања за слободата на многу приемчив, природен и питок начин. Мемоарот е значаен и затоа што нè потсетува дека слободата никогаш не постои надвор од историјата, надвор од контекстот. Не можеме да разбереме што значи слободата за еден човек ако не го разбереме светот во кој тој човек живее. Контекстот е важен, можеби дури и круцијален, за да разбереме што било, вклучувајќи ја и слободата.
Токму затоа мемоарот на Леа Ипи има особено значење. Тој му доближува на светот еден мал дел од Балканот, регион кој често останувал на маргините на пошироките европски и светски наративи. Преку интимната приказна на едно семејство, Ипи ја става својата родна земја Албанија во контекст на сложените политички трансформации и трауматски случувања низ кои поминала таа, нејзиното семејство и нејзините блиски. Таа покажува дека големата историја не се случува само во учебниците, архивите и политичките говори. Таа се случува во домовите, во семејните разговори, во премолчувањата, во стравовите и во детските сеќавања.
За читателите во Македонија, „Слобода“ има и едно дополнително значење. Албанија е наш сосед, но соседството не е секогаш исто што и познавањето. Колку навистина знаеме за минатото на земјата што е толку блиску до нас? Колку знаеме за нејзините политички и општествени трансформации, за нејзините трауми, за нејзината транзиција? И колку знаеме за разликите, но и за сличностите меѓу нашите искуства?
Преку обидот да ја разбереме Албанија, можеби подобро ќе можеме да се разбереме и себеси. Книгата нè повикува да го запознаеме Другиот, но и да сфатиме дека таквото запознавање неизбежно е и форма на самоспознавање. Ако сакаме подобро да зборуваме за сопственото минато, за сопствените трауми и за сопствената транзиција, треба да научиме да слушаме и други приказни од регионот во кој живееме. Важно е да знаеме едни за други, затоа што само така можеме да ги надминеме поедноставените претстави за нашите соседи, но и за самите себе.
И тука би ја споменала Нини, бабата на Ипи, која вели (парафазирам), кога не знаеме како да размислуваме за иднината, мораме да се вратиме кон минатото (39). Не за да останеме во него, туку за подобро да разбереме што од него сè уште живее во нас и зошто.
Мотото на овогодишниот фестивал, Free at l(e)ast!, нè прашува дали конечно сме слободни и зошто ни служи слободата, што со неа. Мемоарот „Слобода“ на Леа Ипи ни посочува дека треба да се запрашаме што всушност подразбираме кога велиме дека сме слободни или кога велиме дека сакаме да сме слободни? Книгата на Ипи не ни ја нуди слободата како едноставен одговор, туку како прашање што мора постојано, повторно и повторно да си го поставуваме. Затоа што нè потсетува дека слободата не е само идеја од филозофските книги, ниту само политички идеал. Таа е нешто длабоко лично и истовремено општествено и контекстуално зависно, нешто што мора да го бараме, да го преиспитуваме и одново да го осмислуваме, во светот, во другите и во самите себе.
Ивана Трајаноска







