Белорусија
НАГРАДА BOOKSTAR
Светлана Алексиевич

Светлана Алексиевич е белоруска писателка родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка. Нејзините книги се преведени на повеќе од триесет јазици и биле основа на десетина драмски поставки и дваесетина филмски екранизации. Добитничка е на огромен број награди. За нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година. Алексиевич е творец на сосема нов, нефикциски жанр. Таа пишува „роман од гласови“. Градејќи го овој жанр, таа постојано ја усовршува естетиката на својата документаристичка проза, која се базира на стотици интервјуа. Ваквата нејзина вештина овозможила да го претвори оригиналниот глас на нејзините соговорници во уметничка кондензација на панорамата на душите. Во својата петтомна епопеја, за последните сто години од советско-руската историја, ги има документирано искуствата на неколку стотина луѓе со различен статус и опит во советскиот и постсоветскиот свет, во вид на орална историја. Во „Гласови на утопијата“, како што самата ја нарекува оваа епопеја, ги преиспитува границите на историографијата и литературата, создавајќи текст што не се совпаѓа со востановените жанровски канони, а сепак со својата моќност ги пробива границите на белетристиката и ја потврдува релевантноста на својата содржина како историски документ. Книгите на Алексиевич се отстранети од училишните програми во Белорусија, поради нејзината политичката активност.

 

ВОЈНАТА НЕМА ЖЕНСКО ЛИЦЕ
Превод од руски: Игор Станојоски

НАГРАДА „BOOKSTAR“ ЗА 2022 ГОДИНА

 „Војната нема женско лице“ е една од најпознатите книги за војната. За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки.

Ова е приказна за жените во текот на војната. Што ним им се случувало, како таа ги променила? Од што се плашеле? Како научиле да убиваат? Овие жени – повеќето првпат во својот живот – ја раскажуваат нехеројската страна на војната, која најчесто не е присутна во сеќавањата на ветераните. Тие говорат за валканоста и за студот, за гладот и за сексуалното насилство, за проблемите и за сенката на смртта. Алексиевич дозволува овие гласови да се слушнат во нејзината трогателна книга, првпат објавена во 1985 година. Авторката ја дополнила во 2002, преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали што првично не било дозволено да се објават.

 

Други дела на македонски јазик:

Времето secondhand, „Бегемот“, Скопје, 2016.
Последните сведоци, „Бегемот“, Скопје, 2017.
Чернобилска молитва, „Антолог“, Скопје, 2017.
Цинковите момчиња, „Бегемот“, Скопје, 2018.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment