Панел во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“
„(Не)возможен пар – автор и преведувач“ е насловот на разговорот во кој учествуваат четворица писатели и нивните преведувачи. Во разговорот, преку соочување на писателските и преведувачките перспективи уште еднаш ќе се проговори за прашањата и дилемите поврзани со авторството и авторското во преведувачкиот процес. Четворицата автори и четворицата преведувачи (од кои некои и самите се автори) ќе се обидат да одговорат на некои од прашањата поврзани со уметноста и занаетот на преведувањето: дали преведувачот е всушност двојник на авторот кој го преведува; дали е негова сенка; дали авторот и преведувачот се различни страни од иста паричка; дали преведувачот може со својот авторски пристап да го промени и унапреди оригиналот; колку на еден преведувач му е дозволено да биде автор?
Разговорот се организира во рамки на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“, така што во тој контекст ќе се проговори и за темите поврзани со нужноста делата пишувани на помалку употребуваните јазици да бидат преведени на поголемите европски јазици, прашањето на праведната дистрибуција на книжевни дела од помалите книжевни средини, како и улогата на преводот во зголемувањето на моќта на различноста во европскиот книжевен пејзаж.
Луцие Фаулерова (Чешка) и Маргарета Карајанова
Франсис Кирпс (Луксембург) и Ксенија Чочкова
Ања Мугерли (Словенија) и Давор Стојановски
Жарко Кујунџиски и Маријанџела Бјанкофиоре (Италија)
Настанот ќе го модерира Душко Крстевски.