ЖЕНАТА ПРЕД НАЈВИСОКИТЕ ЅИДОВИ: ОТПОР, ТРАУМА И НАДЕЖ
Разговор со авторките Петра Клабоухова (Чешка) и Серај Шахинер (Турција)
Модератори: Александар Маџаровски и Драгица Стаменковиќ
Двa моќни книжевни гласa од различни делови на Европа — чешката писателка Петра Клабоухова и турската авторка Серај Шахинер — се среќаваат во заедничка книжевна вечер за да ги отворат најчувствителните, но и најважните прашања на денешнината: положбата на жената во општествата обележани со политички репресии, замолчување, класни неправди и насилство.
Петра Клабоухова го спојува документарното и фиктивното, оживувајќи сведоштва за политичките затворенички во поранешна Чехословачка и откривајќи премолчувани воени злосторства во граничните региони. Нејзината проза е истражување на историското сеќавање и нејзиното влијание врз сегашноста.
Серај Шахинер ги вградува приказните за жените од турската работничка класа во силни, хумористично-иронични, но и длабоко потресни наративи. Нејзините хероини, како младата Лејла, се борат со сиромаштијата, насилството и социјалната стигма, притоа чувајќи ја својата човечност и достоинство.
Настанот ќе биде разговор за тоа како книжевноста ја осветлува темната страна на историјата и секојдневието, како личните и колективните трауми се претвораат во уметност и како женските гласови — и од Исток и од Запад — стануваат хроники на отпорот и на надежта.