- Што претставува за Вас иницијативата за наградата „Драги“?
Благородна иницијатива за истакнување на квалитетните преводи, придонес за афирмација на македонскиот јазик, и потсетник дека задачата на преведувачот не е помалку важна од онаа на авторот. Верувам дека оваа награда ќе остане повеќегодишна традиција и ќе направи многу за преведувачот сè повеќе да излегува од својата невидливост. Освен тоа, наградата „Драги“ е мил спомен за професорот Драги Михајловски, кој имаше голема љубов кон студентите и несебично им го пренесуваше своето знаење. Секогаш ќе ми одѕвонуваат во мислите неговите совети, поуки и досетки од неговите предавања по предметот Теорија на преведувањето и практичната работа на вежбите. Неговиот познат коментар дека мора да се преведува „со љубов и во детаљ“ ме води во преведувачката и писателската работа.
- Колку се важни наградите во вашата работа?
Наградите се како патокази кои го потврдуваат патот што сте го избрале. Иако кога нешто е квалитетно, наградата не мора да зборува, и тоа самото по себе има вредност. Но исполнетоста е поголема кога сте препознаен од своите колеги и заедница. Наградите отвораат нови врати, носат нови соработки и ја зголемуваат видливоста. Убаво е самото дело, самиот труд и автор да го добие тоа признание. Колку што носат големо задоволство, толку и голема одговорност. Се очекува истиот квалитет да се покаже во секое следно преведено или авторско дело.
Сè е успех – да влезете во првиот круг, во вториот, во најтесниот избор, да се пријавите на конкурс, да преведете книга. Да се чита вашиот превод, да допре до што повеќе читатели, да доживее добра критика.
- Какви предизвици носи книжевниот превод?
Комплексноста на книжевниот превод како процес и производ го поставува преведувачот пред оспежна и комплексна задача – премостување дисциплини и култури. Toa е необична уметност. Преведувачот пишува литература која не е негова, литература која носи име на некој друг и која веќе е напишана. Уметност која изискува креативно изразување, лингвистичка прецизност и познавање на општествените и културните контексти. Не се репродуцира само голата мисла во целниот јазик, туку и нијансите во значењето, стилот, тонот и духот на изворниот текст. И покрај тоа што точноста и верноста на оригиналот се задолжителни предуслови, целта на литературното преведување треба да биде повеќе уметност на фразата отколку само точност; убавина и стил отколку само верност. Иако преводот може да биде беспрекорен, инвентивен и ремек-дело сам по себе, секогаш е второстепен во однос на оригиналниот текст.
- Потребна ли е некаква подготовка пред да се почне со преведување? Имате ли ваш ритуал?
На преведувањето секогаш му претходи темелно проучување на изворниот текст. Во зависност од обемот и тежината на делото кое го преведувам, одвојувам од неколку месеци до една година. Преведувањето го сметам за сериозен потфат и честопати одам на ново место, во природа, во творечка самотија, а со себе си ја носам и мојата секојдневна работа за егзистенција. За преведувачката и уметничката работа имате чисто време или рано наутро, пред да започнат сите други обврски, или ноќе. Во светот на друг автор се вложувате со душа и со тело. Текстот на целниот јазик го исчитувате повеќе пати сè додека не дојдете до задоволителна верзија пред печатењето (ако воопшто е можно тоа!). Ја земате сериозната и тешка улога на автор на книга на друг јазик, и му вдахнувате нов дух на дело од друг јазик и култура. И целата оваа макотрпна работа се чини како да нема крај.
- Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Верувам дека е двојно збогатување – и на преведувачот и читателите. Секогаш постои можност да се збогати и целната култура, да се создадат неологизми во процесот на преведувањето. Мојот најнов превод, „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин е мошне добар пример за тоа. Самата специфичност на вокабуларот го бара тоа – откопување на стара архаична лексика и посветено читање на добро избрани четива. Авторовите кованки во ова дело се уште еден предизвик. Секогаш може да се експериментира со нив и да се изнајдат преводни решенија со испитување на големата зборообразувачка моќ на македонскиот јазик.
- Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Да се преведува познат автор (во мојот претходно споменат пример и омилен автор) е посебен товар што со радост, но и со малку страв сте решиле да го носите, дури и откако ќе ја завршите целата макотрпна работа да се преведе негово капитално дело. Повторно ќе го земам Толкин за пример. Во време кога неговата популарност низ светот сѐ повеќе расте, се формираат друштва и клубови на љубители, се објавуваат билтени, се одржуваат предавања и на академско ниво, читателите бараат разјаснување на неговите текстови, така што тие се преведувани на повеќе јазици, додека некои постоечки преводи се заменуваат со нови, сѐ повеќе се бараат нивни квалитетни преводи, бидејќи несомнено јазикот на Толкин не е лесен дури ни за читателите кои се родени говорници, ни за оние со натпросечно познавање на англискиот јазик. Да се преведува омилениот автор значи мисија, а не само проект кој треба да се заврши во одреден рок. На тој начин не е залудно потрошена длабоката конекција со неговата приказна, пред сè како уживател на неговото дело, а потоа и како премостувач на целниот јазик и култура.
(фотографија: Наташа Атанасова)