- Награда „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик
- Интернационална награда „Драги“ за најзначаен книжевен превод од македонски автор
Во 2022 година издавачката куќа „Антолог“ ја востанови наградата „Драги“ за најдобар превод на книжевен текст на македонски јазик. Првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски, писателот, преведувачот, есеистот и професорот чие име ја носи наградата, која еднаш годишно ќе ги вреднува најдобрите дела на македонските преведувачи.
Оваа година за наградата „Драги“ беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачки куќи и две приватни изданија. Меѓу номинираните се најдоа преводи на книги од 15 јазици. Комисијата во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјаноски одржа повеќе состаноци, при што по неколку круга беа избрани петте преведувачи кои влегоа во потесен избор.
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје годинава станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ затоа што улогата на факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја.
Освен главната награда, комисијата и организаторот одлучија од годинава да се доделува и интернационална награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик. Земајќи го предвид нивото на преводот, но и другите параметри важни при појава на одреден превод во друга културна средина (натамошен интерес за авторот, рецензии, публицитет во медиумите, препознатливост, зголемување на интеркултурниот дијалог итн.) се одлучи годинава да биде награденa превeдувачката Александра Јоаниду од Грција за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на „Гутенберг“ (Ρούμενα Μπουζάροφσκα, “Ο άντρας μου”, mετάφραση. Αλεξανδρα Ιωαννιδου). Станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот е македонски.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи валоризација на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
Петте финалисти се:
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
- Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
- Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“.
- Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
- Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.