Јасминка Марковска, превод од норвешки јазик на делото од Јун Фосе, „Утро и вечер“ (Артконект, 2024)
Што за Вас претставува иницијативата за наградата „Драги“? Која е важноста на признанијата и наградите за вашата работа?
Сметам дека оваа иницијатива е потребна, и навистина ми е драго што постои. Читањето книги е во криза, глобално, заради технолошкиот напредок и сите други медиуми на информации кои го одземаат времето и вниманието. Токму затоа, и за писателите, и за преведувачите, а и за читателите, потребно е да се насочиме на квалитет, и навистина да го одгледуваме уметничкиот и духовниот аспект на овие
видови творештво. Сега имаме и вештачка интелигенција, програми кои пишуваат, преведуваат, демек создаваат, но во суштина се плагијати. На некој чуден начин, ние луѓето самите сме си создале ситуација во која човештвото мора да се насочи кон сопствената човечност, да ја потенцира, па дури и да ја брани како нешто вредно, полезно или актуелно. Ги разбирам и тешкотиите на издавачите, кои се економски предизвикани на натпревар и потежок избор, и за книгите, и преведувачите. Ова награда е навистина потребна, и за мотивација, и за стимулација на благородниот нагон кон усовршување на мајсторството при
преведувањето. Секој превод е едно повторно создавање. Кога преведувачот добива признание, и издавачот има на што да се гордее.
Што би издвоиле како најдолем предизвик кога се работи на книжевен превод?
Најголемиот предизвик е да се преведат нијансите, културната и емотивна позадина, контектстот во тоа што се чита, но не е напишано. Еден преведувач не преведува само книжевен текст, се преведуваат и мотиви, културни кодови, временски периоди, иамгинарни светови, и чувства. При преведување на поезија, треба да се запазат и такт, рима, јазични фигури, ментални слики, елипси и … тишина … Понекогаш, не е возможно да се пренесе значењето со слични зборови, па преведувачот мора да најде соодветни поговорки, идиоми или уличен јазик за да се долови значењето. Ова е и најголемиот предизвик, но и најголемото задоволство за мене, како преведувач. Јас ја имам привилегијата да преведувам на јазик кој го зборувам секојдневно, со моите деца, кој е нивен мајчин јазик. Тоа многу ми помага, и во врска со контекстуални предизвици, и во врска со надјазичните елемнти во преводот: доловување на чувства.
Како изгледа еден ваш ден кога работите на книжевен превод?
За мене лично, како преведувач и толкувач меѓу два мали јазика, зборувани од мал број на милиони луѓе, и меѓу земји со навистина различна куповна моќ и стандард на живеење, тешко е да живеам само од преводи и толкување. Тоа бара од мене да имам неколку професии, и малку слободно време. Кога преведувам, за мене тоа е големо задоволство. Преведувам кога сум во состојба да се посветам на преводот, кога можам да имам доволно мир и концентрација за да мечтаам и да ја почувствувам пораката од оригиналот, на некој начин, да го доживеам оригиналот во сопственото тело. Сакам да сум целосно присутна во миговите кога преведувам, бидејќи за мене тоа е задоволство. Обично, тоа е навечер, кога моите деца спијат, или попладне после работа кога сум сама. За мене е важно како преведувач да го ставам квалитетот на преводот, а и на оригиналот, како приоритет. Едноставно, животната ситуација не ми дозволува квантитет.
Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Секако. Процесот на преведување го стимулира преведувачот да го познава сопствениот мајчин јазик подлабоко и поинтимно од луѓето кои не се занимаваат со книжевност. Мислам дека е доста познато и нормално дека преведувачите на книжевност често и самите пишуваат. Можеби сите не издаваат книги, но повеќето мислам дека пишуваат, или пишувале кога биле помлади. Во секој случај, еден добар преведувач на уметност мора да има доволно познавање на јазикот и да има длабока инвестиција во вид на личен читателски извор од кој што може да црпи инспирација. Понекогаш, треба да се преведат имиња на предмети или професии, на пример, кои не постојат во секојдневниот живот на луѓето кои го зборуваат јазикот на кој што се преведува. Тогаш преведувачот мора да најде соодветни зборови, или предмети, кои би му доловиле на читателот една непозната реалност. Така што, преведувачот не го збогатува само својот јазик и израз, туку допринесува и во колективниот јазик и израз.
Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?

Created with GIMP
Сметам дека предизвикот е поголем кога се преведува автор кој не е омилен или познат. Можеби еден познат или омилен автор е поголема инспирација, нешто кое дава повеќе уживање во процесот. Но при превод на нешто ново, непознато, па дури и одбивно, заради специфичен јазик или начин на пишување, на пример, предизвикот е поголем, според мене. Бара од преведувачот дисциплина, усовршување и концентрација. Кога и покрај овие предизвици и личен отпор, еден преведувач ќе создаде одличен превод, сметам дека чувството е уште подобро, заради аспектот на истрајност, посветеност и лично усовршување.
Книжевниот превод претставува заемно вкоренување на два идентитети во една приказна. Можете ли да ни кажете повеќе за вашиот удел во тоа?
Ми се допаѓа оваа метафора на заемно вкоренување на два идентитета. Мислам дека се вкоренуваат повеќе од два идентитета, можеби два комплексни констелации. Тука се личните идентитети на авторот и преведувачот, но и комплексните и многу димензионални идентитети на самите книжевни дела како културни производи. Секој вид на уметност е културен производ. Не во смисла на пазар и нешто кое може да се монетизира, туку во смисла на творба, на нешто што е создадено. Секој автор и преведувач канализира во делото многу комплексни имагинарни структури. Самите издавачи, со илустрациите, и читателите со нивните комплексни имагинарни структури, контектстот, итн., придонесуваат во повторно создавање при читањето. Токму ова е тоа што, да се надоврзам на првото прашање и мојот одговор, не прави луѓето: луѓе. Токму затоа, не треба да оставиме твроештвото на духот, духовното наследство, од кои книгите се само еден дел, уметноста како целина е само еден дел, да го создаваат машини. И оваа метафора на коренување, самата имагинарно асоцира на дрво, на традиција, знаење, човештво, дух, живот и минато, додека ние како човештво се стремиме нагоре кон некои висини, космос, технологија. Едното без другото не може да постои, но до нас е да го создадеме редот, космосот во овој хаос на технолошки новороденчиња, во кој сега живееме и создаваме. Потребно е, навистина е потребно, да го сакаме, почитуваме, цениме и одгледуваме човечното во нас.