Ермис Лафазановски, превод од романски јазик на делото од Татјана Цибуљак, „Летото во кое мама имаше зелени очи“ (Три, 2024)
Што за Вас претставува иницијативата за наградата „Драги“? Која е важноста на признанијата и наградите за вашата работа?
Пред сè мотивација. Со оглед на тоа што делата се оценувани од компетентно жири, наградата дава доказ за тоа дека тоа што го работите е добро и функционира како дел од мозаикот кој го обликува вашиот творечки идентитет. Лично, мислам дека признанијата го стимулираат креативниот потенцијал на индивидуата, и му отвораат нови творечки перспективи. Наградата „Драги“ е токму таков стимулатор, и е појавена во време која на младите преведувачи кои штотуку ги здогледуваат непрегледните хоризонти на уметноста на преведувањето, им е повеќе од потребна.
Што би издвоиле како најголем предизвик кога се работи на книжевен превод?
Речениците кои се непреводливи и кои спаѓаат во делот на автентичниот јазик од кои се преведува, па таквите делови од текстот мораат да се преведат со соодветни решенија од нашиот јазик. Како пример ќе ги споменам да речеме, поговорките и пословиците но и современите игри на зборови разбирливи само за говорителите на тој јазик. Тука спаѓа и поетските творби кои бараат препев што е општо позната работа. Треба да се најде најсоодветно решение за читателот да ја сфати пораката.
Како изгледа еден ваш ден кога работите на книжевен превод?
Ми треба расположение, концентрација и тишина ( иако е тоа невозможно) и главно ги ловам тие моменти па без разлика кој дел од денот или ноќта е, ако се појават овие три компоненти или барем две, веднаш се фаќам за работа.
Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Апсолутно. Самото секојдневно наоѓање на јазични решенија е одлична можност да се ангажира мислата во наоѓање на соодветен израз.
Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Факт е дека мора да се навлезе во идентитетот не само на писателот кој го преведувам туку и на ликовите или ликот. Во таа работа често сосема сум опседнат со идентитетот на ликот што го преведувам или на наративната постапка, дотаму што влијаат врз мојот дискурс и размислување. Тоа не ми се допаѓа и ми треба поголема пауза за да се ослободам од идентитетот на „другиот“, но обично по одреден период поминувам низ тоа „чистилиште“. Се разбира тоа не се случува со секоја книга и со секој автор што го преведувам туку само со тие автори кои ми откриваат нешто ново во жанровска, или стилистичка смисла. И само со тие дела кои кога ги читам и преведувам си велам „е, баш би сакал токму вака да пишувам“.