„BOOKSTAR“ 2024

Преобразбите се местото каде што логиката ѝ отстапува место на фантазијата и никој не се буни за тоа.

Има нешто неверојатно силно и исконско во преобразбите што сме прифатиле да ги нарекуваме уште и: трансформации, метаморфози, промени, премини. Тие се составен дел од животот и постоењето речиси подеднакво колку што се дел од литературата и од уметноста. Останува ли некој рамнодушен на трансформациите на пеперугите? На жабите и скакулците? На бубамарите? Оттргнати од научното предзнаење би им поверувале ли на очите кога гледаме како пеперутката се оттргнува од кожурецот кој само пред малку бил гасеница, а пред тоа – јајце? Без школските лекции по биологија би им поверувале ли на оние кои ќе нè убедуваат дека долгнавестите полноглавци што пливаат како рипчиња во плиткото ќе пораснат во жаби што тромо скокаат меѓу трските?

Ако ги послушаме еволуционистите, тогаш и самиот човечки род е резултат на една таква чудесна и во ништо помалку неверојатна трансформација расеана низ милиони години за која не може да се најде пандан во ниту една уметност. Чудесните преобразби биле и ќе бидат насекаде околу нас и тие не ѝ припаѓаат само на фантазијата на уметниците.

Но во литературата писателите не располагаат со луксузот да ги преведуваат промените на своите ликови преку мостот на стотици или илјадници години. Ниту да ги толкуваат со научни предиспозиции. Метаморфозите во фикцијата се случуваат на еден или друг начин – преку магијата на Кирка или преку натприродната интервенција на сонот – но тие се случуваат одеднаш, како пукот на пиротехника на театарска сцена, заслепувачки и моќно и со неповратни последици. Од маж во жена, од живо суштество во предмет, од човек во животно, од Џекил во Хајд, од дете во возрасен, од реална личност во фиктивен лик. И сето ова, ама обратно. Стотици и стотици пати литературата нè убедила дека невозможното може да ни затропа на врата како што му затропа на Грегор Самса во „Die Verwandlung“ пред повеќе од еден век и тој се претвори во инсект кој ќе заврши осамено и трагично. Како што му затропа и на Луциј, Орландо, Доријан Греј, Пинокио… Античките Грци и Римјани се натпреваруваа кој ќе напише подобри метаморфози (metamorphōsēs/ μεταμορφώσεις). Лета ја претвора Ниоба во камен, а од камењата на Девкалион и Пира се создаваат новите луѓе. Преобразбите се еден од најисконските начини врз кои е осмислено човековото постоење. Преобразбите се местото каде што логиката ѝ отстапува место на фантазијата и никој не се буни за тоа.

Самиот процес на создавање литература претставува една од најзначајните трансформации. Кога белиот лист хартија се претвора во портал кој води кон светови што го редефинираат светот што многумина го перцепираат како единствен можен. Литературата е начин да се живее демократичноста на стварноста во сите нејзини видливи, но и невидливи аспекти.

Од друга страна, и читањето претставува процес на преобразба во која запознавајќи се со приказните и хероите, се поврзуваме со туѓите чувства и преку нив, можеби само за момент или, пак, за вечност, осознаваме дека не сме сами – одеднаш се спознаваме себеси. И, можеби само за момент или за вечност стануваме некој друг. Или нешто друго.

Но, литературата не е бегство. Таа е промената што треба да се случи.

Во годината кога се навршуваат сто години од смртта од Франц Кафка, и во која „BookStar“ го слави својот прв јубилеј со нула на крајот, наоѓаме инспирација во делата кои се доволно моќни да го претворат неможното во можно, незамисливото да го дофатат на страниците на книгите како многу веројатно, па дури и – очекувано. Делата кои ги надминуваат средините од кои потекнуваат и во рамките на националните книжевности. Тоа се дела кои се поголеми од моментот и дела за кои книжевниот свет некогаш е претесен. А овие дела се напишани од автори кои ја живеат литературата.

И тие сега доаѓаат во Скопје за да доживеат THE METAMORPHOSIS!