1. Што претставува за Вас иницијативата за наградата „Драги“?
Кога помислувам на Драги Михајловски, помислувам на учител. Драги е еден од моите учители, иако никогаш не ми беше професор. Кога велам учител, мислам на некого на кого се угледувам, некој што ми е светол пример за тоа како треба да се работи. Учам и од неговите преводи и од неговите изворни текстови. Ако употребам синтагма за Драги, во мигов би рекол: раскошна духовитост. Драго ми е дека наградата „Драги“ заживеа и се надевам дека низ годините ќе стане една од најрелевантните книжевни награди кај нас, а такви ги нема многу.
2. Колку се важни наградите во вашата работа?
Далеку многу повеќе се радувам кога некој ќе ми пофали превод отколку кога ќе ми пофалат нешто што јас сум го напишал. Дури и ваквото влегување меѓу петтемина финалисти радува. Тоа е важно за книгата да стане повидлива за публиката. Ми се чини дека на публиката многу ѝ значи која книга е наградена, важно ѝ е за да ѝ обрне внимание. Наградите се добредојдени, но не по секоја цена. Искрено, никогаш не сум се сосредоточувал на наградите, ниту кога сум ги пишувал своите книги ниту кога сум преведувал. Тие се сепак второстепени, доаѓаат отпосле.
3. Какви предизвици носи книжевниот превод?
Секој текст е различен. Некогаш е предизвик да се преведат навидум непреведливите зборови, некогаш треба да се влезе во умот на авторот за да се разбере како настанале сите тие слики и метафори, некогаш предизвик е да се фати тишината во текстот, суптилноста на изразот, високата едноставност, да не се претера со некои свои непотребни додатоци. Важно е да не се забележува присуството на преведувачот во преводот, важно е сето тоа да звучи како да е изворно напишано на македонски, а притоа да се остане верен на оригиналот.
4. Потребна ли е некаква подготовка пред да се почне со преведување? Имате ли ваш ритуал?
Препрочитувањето на преводот е мојот ритуал, тоа ми е најважниот дел од процесот. Тогаш се пополнуваат празнините и се мазнат нерамнините во преводот, тогаш се појавуваат решенијата што се чинеле невозможни, тогаш се ловат превидите. Кога препејувам, задолжително препевот го читам наглас за да го чујам како звучи, каков му е ритамот, дали некаде чкрипи, дали дише слободно. Истото го правам и сега, со одговориве.
5. Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Со преведувањето научив најмногу за македонскиот јазик. Барајќи решенија научив зборови што не сум знаел дека постојат, но измислував и нови што природно заживеаја во нашиот јазик. Преведувам од јужнословенските јазици, па често морфонологијата дозволува некои странски неологизми, и не само неологизми, да се населат и кај нас.
6. Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Предизвикот не знам дали е поголем, ама тремата сигурно е. Иако, ако се навратам наназад, досега не сум преведувал книга што не ми се допаѓала. Уште кога почнував со преведувањето, почнав со сериозно квалитетни дела. Има разлика дали се преведува жив или веќе починат автор. Живите автор(к)и задолжително ги прашувам за местата што ми се нејасни, па понекогаш заедно бараме решенија со кои двајцата ќе бидеме задоволни. Со починатите автори тој процес е потежок или барем покомпликуван.