СНЕЖАНА СТОЈЧЕВСКА
Снежана Стојчевска дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 ја објави првата поетска книга „Шеќер по подот“. За втората збирка „Под нулата“ ја доби наградата „Бели мугри“ за 2013 година. Авторка е и на книгите „Модри фантазии“ (2015), „Треба да е лесно“ (2017), „Ќе се завијам во песни“ (2019), „Празно место“ (2022) и тријазичниот избор „Разлике“ (2025). Нејзината поезија е застапена во повеќе антологии. Стојчевска е извршен уредник на списанието „Современост“ од 2018 година, дел е од европската платформа „Версополис“ и членка на ДПМ. Беше дел од Скопскиот поетски фестивал, а од 2022 до 2026 година ја извршуваше функцијата директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

„Празно место“ е шеста поетска книга на поетесата Снежана Стојчевска, која стилски и тематски се надоврзува на нејзините претходни дела. Збирката се состои од три засебни целини, кои функционираат како три книги собрани во една, бидејќи се три различни света меѓу кои има празно место. Првиот дел, насловен „Во арената на животот“,зборува за загубата и за болката, и за тоа како да се продолжи понатаму. Вториот дел, „Порака до себе“, е еден вид интроспекција и своевиден колаж од приказни и емоции. Најголемиот акцент е ставен на минливоста на времето и на соочувањето со промените низ кои минуваме како личности. Третиот дел, „Совршена стварност“,е составен од исечоци од стварноста во која се величаат едноставноста и убавината на остварената љубов. На моменти, во песните може да се насетат хумор и самоиронија. Некои песни наликуваат на анегдоти, а некои се пишувани со детска искреност. Стојчевска успеава со малку зборови да пренесе приказна, слика и емоција. Нејзиниот поетски глас е препознатлив, лиричен и нежен, а воедно урбан и реалистичен.
Празно место
„Современост“, Скопје: 2022
