Александар Русјаков
Александар Русјаков е поет, писател, сценарист и колумнист. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, на катедрата за филмска и ТВ-режија. Автор е на книгите: „Ме сакаш ли под дождот?“ (раскази, 2010), „Тринаесеттиот месец“ (роман, 2012), „Атена со пенис“ (роман, 2014), „Голтка восхит од солзите на вечноста“ (поезија, 2016), „Курвински хроники“ (роман, 2020), „Албино трип“ (роман, 2021), „Хотел меѓу две војни“ (роман, 2022), „50 испеани приказни“ (поезија, 2023), „Девојчето и куклата што патува“ (сликовница, 2024), „Егосурфер“ (раскази, 2025). За „Хотел меѓу две војни“ ги доби наградите „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2022 година и „Рациново признание“, а за „50 испеани приказни“ – наградата „Антево перо“. Од 2009 година до денес е редовен колумнист во весникот „Нова Македонија“. Со Борис Дамовски е соавтор во 13 сезони на анимираната политичка сатира „Еднооки“. Потпишан е како сценарист и сосценарист на повеќе филмски сценарија за краткометражни и долгометражни филмови.

Егосурфер
„Арс Либрис“, Скопје: 2025
„Оваа збирка раскази носи наслов ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети, во случајот кај расказите на Александар Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина на општеството.“
Маријана Котевска-Георгиева
