Доделување на наградата „BookStar“ 2023 за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“ и разговор со авторката Наџат ел Хачми (Шпанија)
Разговор со Наџат ел Хачми (Шпанија), награда BookStar 2023
Одлука на редакцискиот одбор на „Антолог“:
„Во понеделник ќе нè сакаат“ на Наџат ел Хачми се објави истовремено на каталонски и на шпански јазик во 2021 година и точно две години подоцна се појавува и на македонски во превод на Лара Прокопиева. Тој претходно ја понесе 77. награда „Надал“, најстарата книжевна награда во Шпанија која се доделува за најдобар необјавен роман на шпански јазик, а во октомври 2023 година оправдано ја добива и наградата „BookStar“ за најзначаен роман објавен во Македонија помеѓу две фестивалски изданија.
Да се пишува денес не значи само да се создава приказна со која ќе се поврзуваме преку невидливите струни на читањето. Да се пишува денес со кредибилитет значи да се претстави сопствената заедница од перспектива што се одбегнува, но и да се обиде да се реконфигурира своето пошироко општество. Вистинската литература веќе не се задоволува само со стил (technê) што треба да се совлада, па ниту со некакво значење и/или знаење (epistêmê) што треба да се пренесе, туку нужно е да влезе во директен судир со општите и воопштувачки светогледи (doxa) во историскиот и географски контекст за да се постават перспективи за нови вредносни начела.
„Во понеделник ќе нè сакаат“ може да се нарече феминистички роман, може да се нарече роман за расветлување на позицијата на жените во конзервативните средини, роман за потрагата по слобода, роман за моќта на пишувањето, за (не)сфатеноста на инаквите, за потрагата по љубов, емпатија, прифаќање, припадност, но тоа е пред сè – роман-образец на нашето време.
Наџат ел Хачми создала ракопис што без компромиси и без самоцензура говори за траумите, за личната идентитетска одисеја, за трагиката на невдоменост, откорнатост, транзитност и дезориентација. Ова чувство се поврзува со мигрантите, односно оние кои напуштиле една култура за да се вдомат во друга. Тоа вдомување најчесто означува само просторен поим, бидејќи мигрантите и понатаму ги практикуваат традициите на својата матична заедница, речиси како да не заминале. Но меѓу нив секогаш има луѓе што копнеат целосно да го напуштат своето потекло и прифаќаат свесно или не да станат обележани. Ако воопшто можат да се оттргнат од стегите на културата што ги влече назад, прашање е дали воопшто може да бидат прифатени надвор од стереотипите, надвор од очекувањата и предрасудите, во културата кон која тежнеат? Тоа е она што го прави овој роман толку значаен и толку близок и за нас тука кои растевме со геслото „Истокот нè отпиша, Западот не нè запишува“. Или, кажано со зборовите на Ел Хачми, тоа звучи вака: „Токму затоа тежината во градите не ми исчезнуваше, бидејќи не можев да се почувствувам слободна меѓу тие што велеа дека се наши, а, пак, меѓу другите бев потполно невидлива.“
Чувството на шизма, на збунетост, на (не)припадност на двете заедници, двете култури кои битисуваат една покрај друга, претставува веројатно најголемиот идентитенски и личен предизвик што една личност може да го доживее. И во целиот тој процес, Наима (или Наџат) влегува со верба дека пишувањето, дека литературата е мостот што може да ги поврзе двата брега. „Бев убеденa дека можев да научам што беше животот преку книгите, љубов, секс, слобода.“ Куриозитетно е да се спомне дека ракописот е пријавен за наградата „Надал“ под работен наслов „Натрапнички“ и под псевдоним што делува типично шпански – Кристина Лопез. На таков начин, Ел Хачми се претвора во своевиден трикстер, митски херој на денешнината кој со моќта на мимикрија, успева да ја протне својата моќна и значајна приказна за една (по потекло муслиманска) жена која тежнее да почне нов живот по европски модел. Нејзиното книжевно писмо до неименуваната пријателка која е катализаторот на културолошката иницијација што ја преживуваат може да е спореди по значајноста веројантно со „Предолго писмо“ на Маријама Ба, но истовремено е толку автентична.
Да се биде жена што се бори за својата инаквост симултано на два фронта – среде маварското гето и среде своето ново шпанско опкружување е пат-минско поле. Но Наџат (или Наима) е таа која прифаќа да го помине тој пат, спремна да се откаже од сè, единствено не од последното нешто – надежта, не знаејќи дали некогаш ќе стигне понеделникот што го посакуваат и кога ќе ги сакаат?
Со овој роман, Ел Хачми го впишува своето име во историјата на каталонската, шпанската/мароканската, но и во историјата на европската и светската литература како име за кое допрва ќе слушаме. Тоа се должи пред сè на нејзиниот пристап преку кој се третираат правата на различните, отфрлените, понижените, премолчаните и невидливите жени. Тој пристап е автентичен, бидејќи е личен и бидејќи е искален во директен судир со воопштувачките светогледи што сакаат да гледаат на светот црно-бело. Нејзиниот вознемирувачки роман е кршење на таа парадигма и од него се разлеваат сите бои на спектарот.
Скопје, септември 2023 година
Настанот ќе го модерираат Александар Маџаровски и Ана Јовковска.