Жарко Кујунџиски

Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, раскажувач, поет, филмски и книжевен критичар, преведувач и издавач. Дипломирал во 2003, а во 2009 и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, копирајтер во маркетинг-агенција, прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Се пројавува како основач и иницијатор, самостојно или партнерски, на повеќе релеватни проекти во македонската културна средина како: електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), наградата за најдобар превод „Драги“, интернационалниот книжевен фестивал „BookStar“ (www.bookstar.mk), фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“, мобилната книжарница „Зборче“, како и на онлајн платформата за промоција на македонската литература во странство www.writers.mk. Автор е на 14 книги, како и на водичот „Скопје“ (2015) во склоп на проектот „Откривајќи ја одново Европа“ на Little Global Cities. Превел и адаптирал на македонски јазик неколку дела од англиски на македонски јазик. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, арапски и на албански јазик. Застапен е во огромен број антологии на македонската проза и поезија. Меѓу другото, неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction 2013“. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „DeBuren“, „13 Ноември“, „11 март 1943“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, „Блаже Конески“ за есеј, како и на награди за сценарио и глума на Фестивалот „Лица без маски“. Бил македонски кандидат за наградата „Балканика“ 2021. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2012 и на македонскиот ПЕН-центар од 2013 година. Романот „Spectator“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик. Романот „Америка“ е преведен на италијански јазик, додека „Сфинга на гневот“ е преведен на албански и на бугарски јазик. Книгата „Приказничар“ се преведува на чешки јазик.

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment