Почитувани гости, почитувани читатели, писатели и преведувачи, почитувани организатори на Букстар, ви благодарам што ми ја доделивте честа да го отворам овој фестивал.
Родена сум во 1981 година, во Скопје, во тогашна Југославија. Како една од најмалите држави во федерацијата со јазик којшто беше кодифициран во 1945 година, можам да кажам дека нашата генерација, а и тие пред мене, растеа со идејата дека македонската книжевност и македонските преводи се инфериорни кон српско-хрватските и руските; со други зборови, често се слушаа поплаки дека нашата книжевност е здодевна и невредна за читање и дека не комуницира со новите генерации, а и дека не постои квалитетен македонски превод, и дека поради тоа, секако не треба да се читаат или купуваат преведените изданија на старите и современи светски класици. Сиве овие генерации, за жал, полни со извесна тажна семоомраза, забораваа дека во раните години на нашето образование бевме растени со делата на автори како Оливера Николова, Ванчо Николески, Видое Подгорец и Бошко Смаќоски, во кои уживавме и кои благо и игриво ја формираа нашата култура, јазик и идентитет. Тие забораваа дека само за триесетина-четириесетина години, на македонски беа преведени стотици книги од светската книжевност, и дека во македонскиот јазик беа вложени голем труд и љубов од една релативно мала група луѓе кои неуморно работеа на проширување на нашите светови преку јазикот и книжевноста – ќе ги споменам овде Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Влада Урошевиќ, автори и преведувачи кои преку својот индивидуален труд успеаја да влијаат врз цели генерации.
Во меѓувреме, по распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија, се потенцираше уште еден проблем со кој сѐ уште се соочуваме: создавањето и преведувањето на т.н мал јазик, то ест на јазик кој го говорат релативно мал број говорители. Што значи да живееш во мал јазик, да растеш, да се развиваш и да се обидуваш да комуницираш со светот со него? Значи дека треба дополнително да се потрудиш. Значи дека за секој автор, треба повеќе преведувачи; значи дека на западно-ориентираниот книжевен пазар, кој негува комплекс на супериорност, не си му интересен и не си му профитабилен. Значи дека тешко е опстоиш во професијата, значи дека за сѐ е потребно повеќе од двојно средства и труд. Значи дека речиси никој не може да се занимава исклучиво со писателство или преведување, чисто за да може да опстои. На извесен начин, значи дека секогаш ќе бидеш на маргините.
Што се случи во меѓувреме и каде се наоѓаме сега, по сите овие предизвици? Она што најмногу ме радува е дека веќе не го слушаме муабетот дека македонските автори се неитересни за читање, и дека не комуницираат со современието. Пред деценија-две, со појавувањето на автори како Гоце Смилевски и Лидија Димковска, се разви жива млада сцена на писатели, која од година в година станува сѐ поактивна, со што читањето на домашни автори стана нешто посакувано, стана нешто пристапно за луѓето надвор од книжевната фела, стана нешто за што се зборува во градот и во весниците. Да се биде дел од генерации автори кои меѓусебно се поддржуваат и поттикнуваат, кои обработуваат теми кои се однесуваат на нашата општествено-политичка реалност, автори кои се занимаваат со квир и феминистички тематики, за мене е огромна привилегија и чест. Понатаму, привилегија е и да се биде дел од култура која се гордее со своите преводи, култура која од година в година и покрај сите предизвици, се труди да го подигне квалитетот на преведувањето и конечно да ја признае огромната улога на преведувачот во општеството. Оттука посебно би сакала да им честитам на Антолог за воспоставувањето на наградата „Драги“, која ја сметам за последица на нашите заеднички напори и стремеж кон конструктивен натпревар и подобрување. И секако, сакам да потенцирам колку сум среќна и задоволна што во последните десетина години, од само неколку постоечки книжевни фестивали, сме достигнале ниво во кој независната сцена и издавачите направиле простор за одржување на голем број, навистина голем број, книжевни фестивали, како што е на пример овој, каде што не мораме да патуваме за да ги сретнеме големите автори од нашето современост, од нашиот регион, и од светот: тие сега нам ни доаѓаат дома.
И уште нешто: да се биде мал јазик без огромна писмена традиција може да се гледа и како предност. Едноставно, ние го немаме товарот на вековните јазични и книжевни традиции; ние го немаме товарот на споредувањето, ние го немаме товарот дека толку многу е напишано и измислено, што нема простор за ново. Всушност, ние сме тие што ја имаме слободата да измислиме. Ние сме тие што живо го створаме јазикот, ние сме тие што ги градиме основите на културата, ние сме тие што јазикот можеме да го испишеме со нови значења. Ете каде сме сега: таму каде што никој досега не бил, на простор со бесконечни хоризонти.