Онлајн-разговор со авторот Алесандро Барико (Италија), специјална награда „BookStar“ X10 за исклучителни достигнувања во литературата.
Малкумина се авторите за кои може да се дадат толку многу епитети како Алесандро Барико, а тие да се целосно оправдани. Накратко, со гаранција тој е најпознатиот и најомилениот италијански писател и интелектуалец кој стана светска сензација, автор чие име е звучно како на рок-ѕвезда!
Се сеќавам, кога некаде на крајот од деведесеттите се појави за првпат „Свила“ на македонски јазик, тоа беше фасцинација каква што не памети нашата книжевна средина. Малечката книга која се чита во еден здив, одеднаш остави многумина без здив, но и без сон. Книгата се препрочитуваше, препорачуваше, подаруваше, дискутираше. Но не се прераскажуваше. Бидејќи книгите на Барико се како љубовта и сексот, како пливањето и возењето велосипед. Тие не можат да се прераскажат, мора да се доживеат. Во нашите разговори, „личната“ преведувачка на Барико на македонски јазик, Лилјана Узуновиќ неколкупати спомнуваше дека „Свила“ доживеало можеби десетици изданија, што сигурно го прави една од најпродаваните книги на сите времиња во нашата, по многу параметри, скромна читателска средина.
Со огромно нетрпение и високи надежи ги чекавме да се појават неговите следни дела, како „Замоци на гневот“, „Новеченто“, „Океан море“,„City“, „Оваа приказна“… Се менуваа и издавачите кои едноставно „се лактаа“ кој да го објави овој италијански магионичар на зборот и тука Барико стана своевиден рекордер, како странски автор со веројатно најмногу издавачи во Македонија. Се менуваа многу нешта околу него, но интересот за неговите книги не спласнуваше во текот на 2000-тите. Дотаму, што неретко во тие времиња ќе налетав и на фотокопија од неговите книги, а и таа веќе излитена од листање и позајмување.
Барико беше авторот што се читаше и толкуваше и во академските кругови каде што не на секој автор му е дозволен пристап, но и во микросредините на читатели кои читаат само еден или друг тип литература. Таквата контрадикторност се случува секогаш кога се во прашање исклучителни авторски имиња.
Кај Барико кусите поглавја од неколку зборови се во тајна врска со речениците од цела страница и одлично се спротивставуваат, но и се надополнуваат едни со други. Поетските слики ги пресекуваат историските сцени и ги подигнуваат времето и просторот во некаква етерична димензија. Нетипичните имиња им даваат дополнителен шарм на енигматичните ликови. Повторувачките фрази создаваат штимунг на музичка композиција, и овој сегмент е особено важен бидејќи ритамот на приказната е сосема во склад со биоритамот на човековото срце. Така, книгите на Барико се некакви волшебни клучеви од пространства во нас самите што не сме успеале да ги отклучиме на друг начин. Атмосферата на неговите дела е заносна, а во спој со неговата автентична филозофија стануваат ода на убавината и талентот. Лиризмот на Барико е всушност емпатичност кон осаменоста и тагата, но секогаш со усет да направи пресек со проникната шега која толку природно е внесена во пејзажот на раскажувањето.
Слободно можеме да констатираме дека уште една од причина за успехот на неговите книги во Македонија беа преводите на Лилјана Узуновиќ (1964 – 2022) . За неа италијанските професорки кои работеле на Филолошкиот факултет велеле дека италијанскиот јазик го познавала подобро од нив самите. Исто како што ретко кој македонски читател би можел да погоди дека преведувачката на Баринко е Србинка и по мајка и по татко и само гласот на судбината ја довела во Скопје. Таа умееше да ги фати и долови валерите на македонскиот јазик повеќе од кој било друг. Во нејзините преводи се негуваше таков суптилен јазик што тие дишат како да се пишувани на македонски. Овој настан ѝ го должиме и неа!
Фестивалот „BookStar“ од самите свои почетоци беше во комуникација со тимот на италијанскиот автор за гостување во Македонија. Сигурно може да се напише цела книга од преписката на оваа тема. И ете по неколку години – мало чудо. Имавме датум за гостувањето на Барико во Скопје – 11 октомври 2019 година! Не постојат зборови да се опише радоста. Само еден месец подоцна стигна известување дека посетата мора да биде откажана од лични причини. Не постојат зборови да се опише разочарувањето. По КОВИД-пандемијата повторно почна преписката. Не одеше брзо ниту лесно, но на 4.4.2024 од неговата асистентка ни дојде мејл дека Барико ќе ги посети, прво Скопје на 30 септември, а на 2 октомври ќе замине за Белград, по што на 5 октомври ќе лета на настан во Палермо. Каков расплет! Во текот на летото сепак некои нешта се промениле и патувањата кон Балканот беа вторпат откажани. За нас тоа не беше крај на „оваа приказна“. Врската меѓу Македонија и Барико не можевме да ја оставиме да заврши банално. Тоа е толку „небариковски“.
Говориме за автор што со секоја книга освојува некоја нова пишувачка територија. Иако некои читатели подоцна не го препознаваа „новиот“ Барико од Барико од 1990-тите, тој остана глас што и кога пишува различно од своето препознатливо рамниште, повторно е свеж и иновативен. Барико е вечна метаморфоза на имагинацијата и на нејзините неисцрпни можности.
Поради сето тоа, фестивалскиот совет одлучи првата „BOOKSTAR“ Х10 награда која ќе се доделува за целокупно творештво и исклучителни достигнувања на полето на литературата на секој децениски јубилеј на „BookStar“ да му припадне токму на Алесандро Барико, еден од најзначајните автори на денешнината, а средбата со него да се случи онлајн, како наш обид да почнеме дијалог со еден цел универзум.
Разговорот ќе го води Владимир Јанковски, а поздравна реч ќе даде проф. д-р Анастасија Ѓурчинова.
Ж. К.