Алесандро Барико
СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА „BOOKSTAR“ Х10
за исклучителни достигнувања во литературата
Алесандро Барико (1958) е италијански романсиер, сценарист, литературен и музички критичар, новинар, пијанист, режисер и есеист. Добитник е на наградата „Вијареџо“ во 1993 година, како и на бројни други награди. Неговите дела се преведени на огромен број јазици. Напишал четиринаесет романи, три есеи и голем број на сценарија.
По завршувањето на државното класично средно училиште „Виторио Алфиери“ во Торино, дипломирал филозофија на Универзитетот во Торино со теза по естетика и со Џани Ватимо како ментор. Од родителите ја наследил страста за класичната музика, а неговото огромно знаење од оваа област е резултат на самостојните истражувања. Дипломирал на отсекот за пијано. Како музички критичар соработувал со „Ла Република“ и со културната страница за „Ла Стампа“. Тој е меѓу првите водители на „Rai Tre Suite“ што се емитувала на третиот канал на Радио Раи.
Во 1994 година го основал училиштето „Холден“ во Торино, училиште за креативно пишување, што опфаќа не само литература туку и драми, сценарија, новинарски текстови, видеоигри, романи и кратки раскази. Името го добило по ликот на Холден Кофилд од „Ловец во р’жта“ на Селинџер.
Неговата прва книга „Замоци на гневот“ му носи европска препознатливост и наградите „Кампиело“ и „Prix Médicis étranger“. Во 1993 година го објавил „Океан Море“, еден од неговите најпопуларни романи, додека 1996 година беше година на „Свила“, според која е снимен истоимениот филм во режија на Франсоа Жирар со Кира Најлти, Мајкл Пит, Алфред Молина. Романот му донесе светска слава. Неговиот монолог наменет за театар „Новеченто“ беше екранизиран од страна на оскаровецот Џузепе Торнаторе во „Легендата за 1900“ со Тим Рот во главната улога.
Помеѓу мај и октомври 2006 година, објавува серија написи во весникот „Ла Република“ во кои критички го презентира својот став кон феноменот на глобализацијата, подоцна споени во книгата „Next“.
Во 2018 година ги објавува неговите последни четири романи како тетралогија: „Емаус“ (2009), „Господин Гвин“ (2011), „Трипати взори“ (2012) и „Младата сопруга“ (2015), придружени со нов предговор. Истата година е објавена „The Game“, која ја следи и анализира историјата на интернетот. На крајот од 2023 година беше објавен „Авел“, кој е прв негов роман по „Младата сопруга“ од 2015 година.
Многу значајна и опсежна е неговата работа на телевизија, во театар и на филм.
Има две деца и е голем фан на фудбалскиот клуб „Торино“.
Авел (НАСКОРО)
Превод од италијански: Јована Караникиќ Јосимовска
„Антолог“, Скопје, 2024
Авел Кроу живее на имагинарниот Запад. Тој добро гаѓа со пиштол уште од дете. Како што самиот вели, станал маж на единаесетгодишна возраст, а возрасен на деветнаесет кога, како најстар син, останал сам да се грижи за своите браќа и сестра. На дваесет и седум години, Авел се претвора во легенда, кога во улога на шериф запира грабеж пукајќи истовремено со два пиштоли и погодувајќи две различни цели. Малку луѓе се способни за овој начин на гаѓање наречен „Мистик“.
Барико го нарекува жанрот на своето најново дело „метафизички вестерн“.
Други книги на македонски јазик:
„The game: приказни од дигиталниот свет за авантуристички расположени момчиња и девојчиња“ [превод од италијански: Живко Грозданоски], „Антолог“, Скопје, 2020.
„The game“ [превод од италијански: Живко Грозданоски], „Антолог“, Скопје, 2019.
„Младата сопруга“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2019.
„Свила“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2019.
„Замоци на гневот“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2017.
„Оваа приказна“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2015.
„Трипати взори“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2014.
„Мистер Гвин“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Или-или“, Скопје, 2013.
„Емаус“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Антолог“, Скопје, 2013.
„Океан Море“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Три“, Скопје, 2011.
„Next“ [превод од италијански: Живко Грозданоски], „Антолог“, Скопје, 2010.
„City“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Taбернакул“, Скопје, 2008.
„Новеченто“ [превод од италијански: Љиљана Узуновиќ], „Аз-буки“, Скопје, 2003.