Членовите на жири-комисијата за наградата за најдобар книжевен превод „Драги“ го одржа својот прв работен состанок на 20 август 2024 (вторник) во просториите на издавачката куќа „Антолог“ и одлучи во првиот круг на селекција да влезат 22 изданија од 14 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 11 различни јазици. Делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите):
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на Антолог, 2024 година;
- Ана Неверова-Христова и Филип Христов за преводот од руски на „Злосторство и казна“ од Фјодор М. Достоевски, издание на Антолог, 2024 година;
- Горјан Костовски за преводот од англиски на „Страв од разделба“ од Гевин Бредли, издание на Струшки вечери на поезијата, 2023 година (доставено во електронски формат);
- Дарко Спасов за преводот од словенечки на „Агни“ од Борут Крашевец, издание на Чудна шума, 2023 година;
- Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година;
- Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година;
- Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година;
- Ели Пујовска за преводот од холандски на „Пена и пепел“ од Јан Јакоб Слауерхоф, издание на Макавеј, 2023 година;
- Живко Грозданоски за преводот од италијански на „Пред да падне ноќ“ од Силвија Векини, издание на Бата прес, 2023 година;
- Звонко Димоски за преводот од полски на „За кентаурите“ од Зузана Гинчанка, издание на Ма продукција, 2024 година (доставено во електронски формат);
- Игор Поповски за преводот од шпански на „Смрт на Андите“ од Марио Варгас Љоса, издание на Полица, 2024 година;
- Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на Паблишер, 2023 година;
- Искра Бадева за преводот од норвешки на „Историја на пчелите“ од Маја Лунде, издание на Антолог, 2023 година;
- Калина Малеска за преводот од англиски на „Мали нешта како овие“ од Клер Киган, издание на Артконект, 2023 година;
- Катарина Ѓурчевска Атанасовска за преводот од англиски на „Даблинци“ од Џејмс Џојс, издание на Макавеј, 2023 година;
- Катерина Шекутковска за преводот од германски на „Мачката Елеонора“ од Карен Јес, издание на Илика, 2024 година;
- Катица Гароска Ацевска за преводот од француски на „Ти си поезија“ од Патрис Павис, издание на Перун артис, 2023 година;
- Маја Стојаноска-Филдишев за преводот од англиски на „Град во облаците“ од Ентони Дор, издание на Матица македонска, 2024 година;
- Милан Дамјановски за препевот од англиски на избор песни „Адам Хоровиц“, издание на Струшки вечери на поезијата, 2023 година (доставено во електронски формат);
- Оливера Павловиќ за преводот од руски на „Градината“ од Марина Степнова, издание на Антолог, 2023 година;
- Томе Сиљаноски за преводот од англиски на „Белешки на еден стар гад“ од Чарлс Буковски, издание на Бегемот, 2023 година;
- Филип Димевски за преводот од полски на „Човекот каков е, секој гледа“ од Мажена Матушак, издание на Сказнувалка, 2023 година;
Жири комисијата во состав д-р Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник од семејството на Драги Михајловски), д-р Зорица Николовска (редовен професор на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувач; претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Владимир Јанковски (писател и преведувач, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“) истакна дека првичниот избор од 43 наслови е исклучително голем, и во однос на хетерогеноста на авторите и нивните преведувачки зафати, како и во пристапот кон преводот. Членовите дадоа позитивен поглед во однос на уредувањето на самите дела од технички и книжевен аспект, а и во однос на лектурата. Изборот на книжевни дела кои влегуваат во следниот круг беше тежок, не само поради различниот стил и обем на делата, туку и дека е тешко да се прави квалитативна евалуација на различни книжевни родови. На состанокот исто така, беше даден предлог да се размисли за идните доделувања да се воведе посебно вреднување на посебни книжевни родови и видови.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и паричен дел кој ќе изнесува во бруто износ од 30.000 денари. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.
Следете нè на:
Награда ДРАГИ
https://www.facebook.com/nagradadragi/