„BOOKSTAR“ 2025

 

„За писателцките работи“ (On Writing Matters) го има својот корен во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).

И не е случајно што на почетокот од новиот милениум Мисирков беше прогласен за најзначајната јавна личност на XX век, додека „За македонските работи“ се смета за една од најважните книги кога било напишани и објавени на македонски јазик. Поради сето ова, „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. Повикувајќи на темелно преосмислување на наследените вредности и заговарајќи пресврти преку културна преродба, Мисирков е своевиден „репер“ што треба да го следи описот на интелектуалецот без оглед на припадноста: храброст, визионерство, (р)еволуционерство и бескомпромисност. Со малата лексичка и семантичка преобразба на насловот на неговата книга, слоганот го пренесува акцентот од етничките и општествените прашања кон творечките и книжевните процеси, односно „работите“ што се клучни и значајни за уметноста на пишувањето и во Македонија и во Европа.

„За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин.