Разговор со авторите Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ) и Лидија Димковска (Македонија)
Нема да згрешиме ако кажеме дека Миљенко Јерговиќ веројатно е најзвучното авторско име од просторите на поранешна Југославија, за кој уредниците секогаш тешко се одлучуваат да напишат дали припаѓа на оваа или онаа национална книжевност. Роден е во Сараево, кое никогаш не го напуштил, иако во 1993 година се преселил во Загреб. Тој е еден од ретките книжевни оази во кој живее сонот за заедништво. Автор кој пишува со леснотија на птица во лет, а чиј креативен замав и распон ги воодушевува и најголемите скептици. Јерговиќ и во најтешките времиња се издигнуваше од пепелта на закрвените цивилизации на Балканот како крепост на разумот, како глас од иднината. Иако метафорите се неодминлив дел од неговото творештво, тој е и човечки и авторски вкотвен во сегашниот момент. И во таа невозможна, танталовска позиција се чини дека повеќе државите се натпреваруваат да го добијат за свој сограѓанин, отколку дека тој бара една и единствена татковина.
Од друга страна и Лидија Димковска е авторка на номадизмот, на невкотвеноста, на себезапрашаноста и меѓништвото. Авторка која секогаш критички гледа на просторот и околностите на својот дом, каде и да е тој. Родена е во Скопје, Букурешт ѝ дава животна и писателска широчина, а Љубљана човечка љубовина. Постојано на пат, на принуден книжевен егзил, на општествено преиспитување и естетско и пребарување. Како во минатите, така и во најновиот роман таа останува заинтересирана за темите на домот, припадноста, откорнатоста, идентитетот.
Јерговиќ и Димковска се автори кои никогаш не седнале еден покрај друг на книжевна гозба, но чии творештва се толку податни за тоа, што изгледа навистина чудно зошто тоа не се случило досега. Фановите на „BookStar“ ќе ја имаат оваа ексклузивна можност.
Настанот ќе го модерираат Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска.