ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ
Во годината кога се поклопуваат два значајни јубилеја – 10 години Фестивал на европската литература „BookStar“ и 25 години издавачка куќа „Антолог“, всушност обележуваме сè што сме ние: вљубени во книгите, но инспирани од луѓето, изнедрени од традицијата, но заинтересирани за современоста, љубопитни да дознаеме од вас, но подготвени да дадеме сè од себе, втопени во креативното езеро на нашата заедница, но секогаш придонесувајќи за нејзините растеж и препознатливост…
Овој свечен момент одлучивме да го запаметиме со звуците на нашата чалгија и преку инструментите и гласовите од неверојатните „Чалгија Саунд Систем“!
Зарем има посоодветен музички израз од чалгијата, во која е преплетено она што е најисконско за Македонија. Нашата чалгија е прекрасната рожба создадена од врската на класичните музики на Истокот и македонскиот фолклор. Чалгијата е заразен ритам, чалгијата е градски манир, чалгијата е душевна автентичност, чалгијата е тајфа и астал, чалгијата е славење на животот, чалгијата е радост и занес, чалгијата е нашиот пат од ориенталното и локалното до западното и универзалното и назад.
Македонскиот музички народен јазик во симбиоза со византиското црковно пеење, турската класична музика и со народната музика на сите етникуми во Македонија ја создала чалгијата како портал преку кој патуваме во времето и просторот дури и во XXI век. Токму затоа нејзиното височество ЧАЛГИЈА за „10/25“!
Ве покануваме сите заедно да се предадеме на ова магично лирско и мелодично патување кое ќе овековечи вкупно 35 години разновидна книжевна мисија!