ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „BOOKSTAR“ 2025
„Писателот зборува“ – Калина Малеска: „Книжевноста низ контекст на промени“
Од 2022 година, почетокот на фестивалот е означен со моќните мисла и зборови на реномираните македонски писатели. За таа цел, секој од нив подготвува кус пригоден текст со кој фрла поинаква светлина врз сопственото творештво, но поставува и вертикала на книжевниот и општествен контекст во (не)времето што го живееме, а во дослух со фестивалската тема. Бидејќи фестивалите постојат за да се слушне гласот на писателите. Авторот што годинава ќе се обрати пред скопската публика е Калина Малеска, која не само што е актуелна добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ туку неретко се вклучува во јавни дебати за теми кои нè тангираат сите.
ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „BOOKSTAR“ 2025
Блаже Миневски – „Опаш во устата“ (2025)
Претставување на наградената книга: Весна Мојсова-Чепишевска
Обраќање на добитникот: Блаже Миневски
Наградата за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот му се доделува на Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025). Со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство. Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Дел од расказите се веќе објавени како добитнички на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и меѓународната јавност. Кај Миневски е особено воочливо виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку ја збогатува современата проза, создававајќи дело кое може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти.