Разговор со авторите Жозе Луиш Пејшото (Португалија) и Здравка Евтимова (Бугарија)
Никогаш во животот не сме исти, ниту, пак, стапнуваме во иста река. Духовната миграција и еволуцијата на човештвото се допираат во онаа точка каде што поединците тргнуваат на патување кон откривањето на себеси и трансформацијата на единката во себе. Таквиот динамичен процес, одразува како миграцијата на душата, во спој со личното и колективно искуство, го обликува човечкиот идентитет и раст. Со таков тон тече нарацијата во „Една иста река“ од Здравка Евтимова, проза која ја истражува еволутивната динамика на трите сестри Љуба, Сара и Пирина, откривајќи како нивното заедничко минато кое почива на темелите на маргинализираните слоеви во општеството придонесува за нивниот личен раст. Нејзиниот роман „Четврток“ дополнително навлегува во темата на влијанието на секојдневните одлуки врз односите на самосвеста во светот на постојани промени.
Наративниот тон на „Книга“ од Жозе Луиш Пејшото става акцент на интеракцијата на меморијата и идентитетот во една навидум невина приказна, размислувајќи за тоа како духовните и личните миграции ја обликуваат колективната историја на единките во општеството.
Фокусот на Евтимова на семејните врски и истражувањата на Пејшото за личните и колективните промени го истакнуваат заедничкиот интерес за допирот на духовната миграција и човечката еволуција на маргините во еден колектив.
Настанот ќе го модерира Александар Маџаровски.