Калина Малеска, превод од англиски јазик на делото од Леа Ипи, „Слобода: созревање на крајот на историјата“ (Или-Или, 2024)
Што за Вас претставува иницијативата за наградата „Драги“? Која е важноста на признанијата и наградите за вашата работа?
Најголемата предност на наградите и признанијата во областа на преводот е тоа што преведените книги стануваат повидливи и подостапни до читателите, а тоа е најубавиот исход за секоја книга. Во таа смисла, иницијативата за наградата „Драги“ ја сметам за одлична иницијатива – самиот назив му оддава признание на еден извонреден и креативен преведувач како Драги Михајловски. Дополнително, како што забележав и изминативе две години, не само што се оддава признание за преводот што ја добива наградата, туку, низ објавите за неколку фази на процесот на евалуација, и многу други преведени книги стануваат повидливи за читателите, што е одлично.
Што би издвоиле како најголем предизвик кога се работи на книжевен превод?
Многу аспекти можат да претставуваат голем, па и тежок предизвик. На пример, кога ќе се сетам на процесот на преведување на „Тристрам Шенди“, на пример, или расказите од Аброуз Бирс, тука најголем предизвик беше да се следи еден стил на изразување од минатото, кој веќе не се употребува. Многу од зборовите го смениле своето значење и сега може да означуваат нешто друго од она што го означувале во минатото, па за ваквите преводи од изминатите векови потребно е сериозно истражување на историските и културните околности во кои твореле авторите. Но, и преводот на современите автори е полн со предизвици, особено затоа што при секој превод, треба да се пренесе и културата, верувањата, некои секојдневни изрази од изворниот јазик или настани и однесувања кои се вообичаени во тој контекст, а не мора да се вообичаени во контекстот на културата на целниот јазик, за што исто така е голем предизвик да се најдат соодветни решенија.
Како изгледа еден ваш ден кога работите на книжевен превод?
Кога преведувам книжевно дело, навистина уживам. Мислам дека никој не може толку добро да знае една книга како што ја знае оној кој преведува. Тогаш најмногу се внесувам во сите нијанси на значењето и некои реченици, кои при прво читање ми се чинеле јасни, одеднаш сфаќам дека се двосмислени или повеќезначни, понекогаш иронични, и ми претставува големо задоволство да изнаоѓам разни варијанти и можни преводни решенија, па да одлучам кое е најдобро. Така, обично во деновите кога работам книжевен превод, долго сум на компјутер,а времето сепак ми поминува брзо.
Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Секако помага. Од моето искуство, кога работам превод, тогаш интензивно пребарувам зборови низ речниците, но и читам книги специјално со цел да детектирам зборови што може да бидат потребни за преводот, зависно од областа, на пример во еден случај ми требаше вокабулар за замоци, па читав книги од историја на уметност, во друг случај преведував книга во која станува збор за Втора светска војна, па читав повеќе литература од тој период со цел да ги изнајдам најсоодветните зборови. Забележувам дека и многумина други го прават тоа при преведување. Во тие случаи, зборовите веќе постојат, но ретко се користат надвор од својата област и често се и релативно непознати, па преводот ги прави повидливи. Во други случаи, кога се преведува збор за кој нема најсоодветен термин во целниот јазик, преведувачите користат креативни пристапи за создавање нови зборови или збогатување на функцијата / значењето на постоечките зборови преку нивно менување или ставање во поинаков контекст.
Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Веројатно. Од една страна, може да се чини полесно, бидејќи подобро ги знаеме делата на оние автори што ги сакаме. Од друга страна, желбата да го доловиме саканиот автор или авторка на најдобар можен начин може да создаде поголем притисок.
Книжевниот превод претставува заемно вкоренување на два идентитети во една приказна. Можете ли да ни кажете повеќе за вашиот удел во тоа?
Веќе е од поодамна познато гледштето дека преводот е креативен процес и дека претставува креативно пресоздавање на едно дело во друг контекст. Но вистински можеме да го посведочиме ова дури откако ќе почнеме да преведуваме книжевни дела. Навистина, станува збор за еден идентитет што ја пишува приказната на изворниот јазик, и кој, при преводот, влегува во корелација со друг идентитет, и оној личниот на конкртниот преведувач, и оној на културата на јазикот на кој се преведува. Кога станува збор за мојот удел во тоа, навистина сум задоволна кога од таа корелација ќе произлезе дело што, по повеќе препрочитувања, ќе заклучам дека добро функционира и на целниот јазик.