Драги колешки и колеги,
За мене претставува извонредна чест да бидам овде, опкружена со пријатели и колеги, и со мојот сопреведувач, Роли Грау со кого ја добивме оваа „Награда Драги“ што ни е многу
драга.
Моите први несигурни чекори во македонскиот јазик беа токму тука на брегот на Охридско Езеро. A преведувањето од македонски на англиски ми даде можност да пливам во водите на македонскиот јазик, да нурнам во неговите струења, речни устија, заливи и лагуни. A во поезијата на Шопов, беше како во неговата песна ,Невреме“ …само да знаете – како нè носеше реката, како нè фрлаше од едно до друго езеро!
Секогаш кога ќе слушнам дека преводот е невозможен, дека има секакви изрази и зборови што не можат да се преведат, дека поезија не се преведува, помислувам дека меѓучовечкото разбирање е базирано токму на преведувањето, односно на она движење на смислата што се одвива преку емоциите, искуствата, знаењето, и дека ова движење на смислата зависи од работата на преведувачите. Да бидам дел од нив е едно од најзначајните достигнувања на мојот живот.
За преводот на песните на Ацо Шопов треба на прво место да ѝ заблагодарам на Јасмина Шопова, која ме контактираше во август 2020. Не можев да го прифатам проектот, бидејќи не сум преведувач на поезија. Но Јасмина беше упорна, и кога ѝ советував да стапи во контакт со Роли Грау, преведувач на поезија од руски и словенечки, таа веднаш предложи ние двајцата заедно да работиме на препевот. Јас ги преведував песните на англиски, Роли од англискиот јазик на поетски јазик, а Јасмина го преведуваше за нас светот на Ацо Шопов, песните да бидат негови.
Секоја строфа, секој ритам, секоја рима, секоја алитерација, секоја слика, секој звук поминаа низ нашите раце поединечно, а потоа колективно ја создадоа книгата „Долго доаѓање на огнот“.
Им благодарам на Јасмина и Роли за нашата интензивна соработка. Благодарна сум за поддршката од Македонија во сите изминати години, на сите институции кои ми дадоа возможност да го учам и проучувам јазикот сè подлабоко, како и на сите кои ми одговараа на прашањата во врска со јазикот на Ацо Шопов (знам дека ќе заборавам некои луѓе, однапред ги молам да ми простат) – Виктор Фридман, секогаш, Елени Бужаровска, Лилјана Митковска, Елена Петровска, Гоце Смилевски, и уште многу други. Благодарам.
Благодарност заслужува и издавачката куќа Deep Vellum Press, од Далас, во САД, посебно Вил Еванс и Давид Шук, кои го направија невозможното – тие го прифатија ракописот и издадоа прекрасно двојазично издание во текот на стогодишнината на Шопов, во рекордно време.
Конечно, му заблагодаруваме на жирито што го избра нашиот превод за наградата Драги.
Навистина е чест да се види нашата тригодишна работа толку почитувана.
На крај со Роли ќе ви прочитаме по една песна – јас на македонски, тој на англиски.
XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика, 11 септември, Конгресен центар на УКИМ – Охрид.