1. Што претставува за Вас иницијативата за наградата „Драги“?
Самото востaнoвување на наградата „Драги“ претставува заслужено признание за придонесот на почитуваниот колега и пријател Драги Михајловски во теоријата и практиката на преводот, особено на книжевниот превод. При средбите со него имав обичај да го поздравам со ’nomen est omen‘, зашто неговото име навистина го обележуваше како особено ДРАГ, еднакво омилен кај студентите и колегите уште долго пред да стане професор. Имено, тој беше оној магнет што со својата благост, со своето ненаметливо, а длабоко знаење, сите ги влечеше кон библиотеката на Катедрата за англиски јазик и книжевност, додека долги години работеше како библиотекар кој умееше да насочи, да привлече, да дискутира за книгите. Има повеќе од две децении откако напишав рецензија за неговиот паралелен превод на збирката бајки „Волшебното котле“. Бев фасцинирана од преводните решенија приспособени на детскиот јазик, вештина што е многу потешка отколку што се чини. Ќе додадам дека и моите внучиња уживаа и радосно се смееја растејќи, меѓу другото, и со „Волшебното котле“. Подоцна, како професор, или – според неговиот избор – Учител со големо „У“, Драги создаде плејада квалитетни преведувачи и вљубеници во литературата. Да завршам, ако прашањето се однесува на иницијативата од пред три години наградата за книжевен превод да го носи Неговото име, бескрајно сум воодушевена поради сите горенаведени причини. Ако, пак, можеби, се мислеше на иницијативата (номинацијата?) мојот превод да влезе во конкуренција за годинешнава награда, можам само да додадам дека сум бескрајно почестена.
2. Колку се важни наградите во вашата работа?
Мојата преведувачка работа отсекогаш, уште од студентските години, претставуваше, пред сè, огромно задоволство. Понирањето во јазичните, културолошките, историските, цивилизациските, психолошките и други кодови претставува предизвик кој исполнува на повеќе нивоа. Притоа никогаш не се мисли на награди или признанија. Меѓутоа, кога делото ќе се најде во книжарниците и библиотеките, кога ќе допре до читателите, за мене најголема награда претставуваат коментарите дека делото се чита со леснотија, дека мислата течела глатко, дека се научиле нови зборови или се откриле стари, подзаборавени изрази. Сепак, кога признанието ќе дојде и во вид на формална награда, задоволството не е занемарливо.
3. Какви предизвици носи книжевниот превод?
Предизвиците што ги носи книжевниот превод се повеќекратни, но тоа не го мислам во негативна смисла. Да дадам неколку примери од лично искуство, почнувајќи од лексичките стапици. Уште при првиот превод на „Панаѓурот на суетата“ од Вилијам Текери се соочив со зборови кои секој ги знае, навидум едноставни, но ставени во историски контекст може да значат сосема друго. Затоа е исклучително важно преведувачот да го проучи периодот, историските и јазичните специфики, особено кога преведува дело од некоја друга епоха. На пример, во споменатиот роман (19-от век) се јавува писмо во кое кон адресата стои FREE. Бидејќи конвенционалниот превод на зборот немаше смисла, консултирав преводи од неколку јазици. На мое изненадување, зборот едноставно беше испуштен. Се амбицирав (да не речам се каприцирав) и тоа лето, пребарувајќи низ библиотечните фондови на Универзитетот во Манчестер, наидов на појаснувања што се однесуваат на јазикот и термините во делата на Текери. Во конкретниот случај, авторот на писмото бил член на Парламентот и како таков имал право неговите пратки да бидат ослободени од поштарина. Соодветно, на местото на марката преведов: ОСЛОБОДЕНО ОД ПОШТАРИНА. Посебен предизвик во смисла на познавање на општествените околности на периодот беше преводот на Дос Пасос, кој во својата „Четириесет и втора паралела“ (роман временски лоциран на почетокот на дваесеттиот век), има цели страници без интерпункција, делови означени како „око на камерата“, при што се мешаат слики од улицата, мисли на ликот, делови од вести, наслови на страници и слично. За да им се даде смисла на тие „ментални ленти“, треба добро да се проучат настаните и општествениот контекст, како и психолошкиот одраз што би можеле тие да го имаат врз личностите. Тука преведувачот мора да се претвори во истражувач, ако сака на читателот да му даде читлив и осмислен производ.
Предизвик за преведувачот понекогаш се и имињата и топонимите, особено кога авторот преку нив пренесува одредени карактеристики на ликовите или на местата. Со сета креативност може да дадете соодветни алтернативи на јазикот-цел, во случајов македонски, а лекторската интервенција да направи транслитерација на изворните имиња и со тоа да се изгуби целта на авторот. Затоа е многу важна соработката на релација преведувач – лектор, но можеби и да се даде поголема ширина во прописите кои ги ограничуваат и преведувачите и лекторите во креативниот процес.
На крајот, не можам да не го истакнам преведувачкиот предизвик, истовремено и максималното задоволство, што ми го пружи најновиот роман на Салман Ружди, „Градот на победата“. Безброј културолошки специфики, јазични бравурози, деликатни теми во кои секој збор мора прецизно да се одмери, за да не дојде до недоразбирање или до конфликтни ситуации. Големината на авторот се огледува, меѓу другото, и во начинот на кој го користи јазикот, а преведувачот, како релеј меѓу авторот и новата публика, не смее со својот превод да го осиромаши делото. Зашто, како што завршува Ружди, сè што останува се зборовите; делата ќе бидат познати само по начинот на којшто биле запишани, и на крајот „зборовите се единствените победници“.
4. Потребна ли е некаква подготовка пред да се почне со преведување? Имате ли ваш ритуал?
Веројатно од претходниот одговор, во кој можеби и преопширно ги елаборирав предизвиците што ги носи книжевниот превод, веќе дадов одговор и на ова прашање. Не би рекла дека имам ритуал, освен ако така ја наречеме подготовката што вклучува запознавање со творештвото на авторот, со тематиката и со сите достапни информации за периодот што е предмет на делото.
5. Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и на изразот?
Несомнено помага, би рекла, од повеќе аспекти. Од една страна, ги пронаоѓаме зборовите кои, можеби, потонале во заборав или се подизгубиле во секојдневната сувопарна комуникација. Од друга страна, понекогаш оригиналот наложува и создавање зборови кои не се нашле во речничкиот фонд на јазикот-цел, но наполно одговараат на правилата за зборообразување и недвосмислено го одразуваат бараното значење. Кога станува збор за појави својствени за културата и јазикот на авторот за кои кај нас нема соодветен збор, на прв поглед се чини дека е најдобро да го задржиме изворниот збор. Тоа често така се прави, па расте бројот на туѓите заемки и (или) интернационализми. Меѓутоа, токму мајсторите на преводот како Драги Михајловски и, не можам во овој контекст да не го споменам, Огнен Чемерски, покажуваат како се збогатува сопствениот јазик преку создавање нови лексеми кои наполно природно се вклопуваат во јазичниот систем. Во таа смисла, многу е важно младите да се поттикнуваат да читаат квалитетни преводи и воопшто квалитетна литература, зашто на тој начин ќе го збогатат и сопствениот јазик и моќ на изразување.
6. Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Многу ме замисли ова прашање. Навистина немам дециден одговор. На прв поглед би рекла – да; но, кога ќе размислам, ако авторот или делото не се познати, веројатно процесот на претходна подготовка, проверка на податоците, препрочитување, ќе биде исто толку продлабочен, како и за авторот кој ви е омилен или популарен. Сметам дека имав среќа досега да преведувам дела кои претходно не биле преведувани на македонски, па мојот истражувачки процес беше мој, индивидуален, без влијание од претходни преводни решенија. Со тоа и предизвиците и задоволството беа поголеми.
Сепак, заклучно ќе кажам дека предизвикот се состои во самиот чин на преведување.