1. Што претставува за Вас иницијативата за наградата „Драги“?
Наградата „Драги“ пополнува една очигледна празнина во нашиот културен простор, бидејќи подолго време се соочуваме со недостиг од овој тип признанија што ќе го вреднуваат тој докажано макотрпен, а не секогаш соодветно компензиран труд на книжевните преведувачи.
2. Колку се важни наградите во вашата работа?
Наградите никогаш не биле примарни, ниту, пак, неопходни за да ме поттикнат во работата, но кога доаѓаат, секако дека ми е драго; ги прифаќам со радост и со благодарност.
3. Какви предизвици носи книжевниот превод?
Премногу за да може да се набројат во едно кратко интервју. Пред многубројни предизвици е исправен и преведувачот и книгата што се преведува, а конечно и самиот автор. Итало Калвино, голем познавач на можностите и стапиците на книжевниот превод, велеше дека е секогаш престрашен кога ги отвора преведените верзии на сопствените дела. Неговиот најголем кошмар беше тоа дека еден ден низ светот ќе циркулираат книги кои нема да имаат многу заеднички точки со она што тој го напишал. Од аспект, пак, на преведувач, би рекла дека сме секогаш исправени пред вечната дилема, дали да настојуваме да бидеме повеќе точни, или повеќе слободни, т.е. како да направиме делото „мазно“ да навлезе во системот на нашиот јазик, да биде читливо, а сепак да ја зачува дозата на очудување, неопходна за читателот да не заборави дека чита книга од странски автор, создадена на некој друг јазик во контекстот на некоја друга култура.
4. Потребна ли е некаква подготовка пред да се почне со преведување? Имате ли ваш ритуал?
Немам посебни ритуали, седнувам и работам; некогаш успевам претходно да ја прочитам целата книга, за да навлезам во стилот и поетиката на авторот, но најчесто ја разоткривам токму за време на преведувањето и тоа ми е особено забавно. Најважно ми е да најдам доволно време, бидејќи преведувам бавно, што многу добро го знаат сите издавачи со кои сум соработувала.
5. Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Ова е еден познат стереотип, но е многу точен и вистинит. Уште Конески има кажано дека „јазикот се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“… Јазикот не само што се збогатува преку преводот туку и се испробува, се запрашува, се преиспитува себеси, си открива некои нови можности за кои можеби и не бил свесен претходно.
6. Какво е чувството повторно да сте дел во финалистите за наградата „Драги“?
Едноставно би рекла дека сум почестена. Пријатно да се биде во друштво со колеги – преведувачи; секогаш може да се слушнат одлични приказни и анегдоти од нивната лабораторија на преведувањето.
7. Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Не знам дали е поголем или помал предизвикот, но природно е да се радуваме кога се наоѓаме пред ново дело од некој автор што веќе сме го преведувале, или од автор што го читаме и што го сакаме. Ги бараме познатите изрази, слично изградените ликови, запаметените стилски бравури или синтаксички решенија. Но тоа може да биде и стапица, бидејќи и омилениот автор умее да изненади, како што во голема мера беше случајот со новиот роман на Николо Аманити, што го преведував годинава.