Зорица Николовска, работи како редовен професор на Катедрата за германски јазик и книжевност и на Катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа своето образование го започнува во Германија, а потоа во Скопје и Белград. Во 2004 г. докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје. Во повеќе наврати реализирала истражувачки студиски престои на универзитетите во Германија и Австрија. Со свои научни трудови и предавања учествувала на голем број домашни и странски меѓународни научни конференции, семинари и работилници и автор е на бројни научни трудови од нејзината научна област. Учесничка е на меѓународниот научнообразовен проект за вториот циклус студии по Конференциско толкување при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Генералната дирекција за толкување (SCIC) при Европската комисија во Брисел. Активно се занимава и со преведување книжевни дела. Има преведено повеќе од триесет прозни и поетски дела од германски на македонски јазик. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за 2014 година од страна на Советот на книжевните преведувачи за преводот на делото „Фантастични раскази“ од Е. Т. А. Хофман.