Влада Урошевиќ (1934) е поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Поминал значаен дел од животот како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност.
Објавил единаесет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има седум збирки раскази, седум романи, три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите во кои зборува, главно, за македонските писатели. Објавил две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Автор на поголем број антологии.
На македонски јазик препеал многумина француски поети. За својот книжевен и преведувачки опус именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на тој Ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, италијански, полски, руски, словенечки, српски, француски, хрватски и шпански. Во 2023 година, по наградите „Роман на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен е од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.