Венко Андоновски (1964) е македонски романсиер, раскажувач, драмски писател, критичар и универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Досега има објавено 42 книги од различни жанрови. Поважни дела: Фрески и гротески и Припитомување на кучката (раскази), Азбука за непослушните, Папокот на светот, Вештица, Ќерката на математичарот и Папокот на светлината (романи); Бунт во домот за старци, Словенскиот ковчег, Кандид во земјата на чудата, Генетика на кучињата, Олово на перница, Падот на Масада (драми); За секого има по една и Господарот на кукавицата (комедии). Делата му се преведени на 15 јазици. Неговата проза досега на македонски јазик е печатена во над 70 000 примероци. Драмите ги виделе околу 150 000 гледачи, а некои од нив се играле повеќе години, со близу 100 изведби. Автор е и на десетина книги критика, есеистика и теорија на книжевноста и културата. Добитник е на сите поважни македонски награди за проза, драма и критика, како и на неколку меѓународни признанија (од првата, „Балканика“ до последната, Толстоевата награда за книжевност „Јасна полјана“). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар и дописен член на МАНУ.