Сузана Камберова
Сузана Камберова е дерматолог и раскажувач.
Пишува романи, кратки раскази и колумни. Со свои раскази е застапена во повеќе збирки и антологии од регионот: Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Ја фасцинираат мистериозното, она што е скриено длабоко под површината, времето и местата каде што реалното и имагинарното стануваат едно.
Верува дека книжевноста може да поставува големи прашања, без притоа да заборави да раскаже добра приказна.
Автор е на четири романи, два на македонски и два на српски јазик. Романот „Страшни приказни“ (Арс Ламина, 2024) беше финалист за наградата „Пегаз“ во 2023 година. „Патување низ световите“ (Слово, 2026) е нејзиниот најнов роман, во кој светот ни се открива преку јазикот на бајката.

Патувања низ световите
„Слово“, Скопје: 2026
Романот „Патувања низ световите“ е триптих составен од три засебни целини – сказни, кои можат да се читаат одделно или како единствена целина што го следи патот што секоја од трите хероини го минува во сопствениот развој.
Користејќи сликовит наративен израз на границата меѓу бајката и фантастиката, секоја од приказните отвора различни теми – созревањето, љубовта, загубата, борбата помеѓу доброто и злото, жртвувањето, смртта и она што останува како трајна вредност по сите човечки напори.
Како што приказните се развиваат, овие теми навлегуваат во подлабок, симболички простор. Трите хероини минуваат низ различни светови и искушенија, но нивните патишта постепено се откриваат како варијации на една иста потрага по сопствениот идентитет, по смислата и по местото на човекот во светот.
„Патувања низ световите“ е роман за патувањето како преобразба – низ надворешни, имагинарни светови, но пред сè низ световите што човекот ги носи во себе.
