Серај Шахинер
Серај Шахинер е турска писателка родена 1984 година во Бурса, а пораснала во населбата Аксарај во Истанбул. Во 2007 година дипломирала на Катедрата за новинарство при Факултетот за комуникации на Истанбулскиот универзитет. Почнала да пишува на млада возраст, со поддршка од своето семејство. Во средно училиште издавала списанија и фанзини каде што ги објавувала своите раскази. Од првата година на факултет работела како новинарка во студентско списание. Во 2011 година магистрирала на Одделот за кинематографија при Катедрата за радио, телевизија и филм на Универзитетот „Мармара“, со труд на тема „Богатството од теми во сценаријата на Орхан Кемал во турскиот филм од 1960-тите години“. Работела како новинарка за култура и уметност во неколку весници. Ова новинарско искуство ѝ овозможило да го совлада јазикот кој луѓето го користат во секојдневниот живот. Долго време посетувала часови по гитара и сликање, а била и извидник и планинарка. Некое време работела како келнерка, физички работник и машински оператор во шивачката работилница на својата мајка. Пишува проза и публицистика. Добитничка е на неколку награди за расказите и за романите, а дел од нив се поставени и како театарски претстави. Делата на Шахинер се насочени кон класните прашања и напишани се со хумористичен стил, со жени во центарот на вниманието.
Антабус
Превод од турски јазик: Јулија Петровска
„Антолог“, Скопје, 2024
„Антабус“ раскажува за насилството над жените преку светогледот на петнаесетгодишната Лејла.
Таа е единствена ќерка во работничко семејство што емигрирало од Анадолија во Истанбул. И наместо на училиште, пратена е да работи во конфекција за да носи пари дома. Лејла почнува да ја живее сопствената трагична судбина и на овие страници ја раскажува непосредно, без китење или сокривање на што и да е. Суровата реалност на Лејла, која живее за да најде начин да избега од ситуацијата во која се наоѓа, нема да ве остави рамнодушни. Моќта на зборот на авторката е таква што чувствувате дека и туѓата болка боли.
Театарот „Татбикат Сахнеси“ ја изведува драмата адаптирана според овој роман и во 2016 година ја добива специјалната награда „Џеват Фехми Башкут“.