Петра Клабоухова

Петра Клабоухова (1980) е чешка писателка и новинарка родена на 20 август 1980 година. Работела како музички менаџер за независни рок-артисти во Европа и САД, каде што организирала концерти во живо. Потекнува од Јужна Бохемија, а детството го поминала во шумавските планини, во Вимперк. По завршувањето на средното училиште студирала новинарство, психологија и меѓународни односи на Универзитетот „Масарик“ во Брно.

Како новинарка, започнала како уредничка во регионалните весници на издавачката куќа „Vltava Labe Press“, а подоцна, по нејзините долготрајни работни престои во странство – во Италија, Холандија, Шведска и Калифорнија (САД) – соработувала како надворешна уредничка со списанието „Glanc“. Денес нејзините репортажи се објавуваат во книжевното списание „Host“. Исто така, пишува и објавува на италијански јазик во издавачката куќа „La Feltrinelli“.

Покрај литературното творештво, од 2004 година активно работи и во музичката индустрија. Таа ги претставувала рок-бендовите Hollywood Vampires (основан од Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери), SEX Department и Rock N Roll Army на нивните турнеи низ Европа, САД и Јапонија, и учествувала во продукцијата на нивните музички албуми во Perris Records (САД, Тексас) и во Чешка, во Popron Music.

 

 

Кај северниот ѕид

Превод од чешки јазик: Маргарета Карајанова

„Антолог“, Скопје, 2024

Приказна базирана на вистински сведоштва за судбините на политичките затворенички кои поминале низ женските затвори во Чехословачка во 1950-тите. Настаните се поврзуваат со сегашноста преку два лика во книгата – Мажот со дупка во срцето и Негувателката на тие што умираат. Во болницата за лица со терминални болести пристигнува нов пациент, Лудмила, со дијагноза која локалниот медицински тим не ја разбира. Покрај суровоста на луѓето и општата неправда, ова е приказна и за силата на жената, мајчинството, староста. Насловот произлегува од географската локација на масовните гробници на жртвите од комунистичкиот режим, кои се наоѓаат „кај северниот ѕид“ на Ѓаволските гробишта во Прага. Романот разоткрива досега непознати детали за режимот што некои го сметале за добар, а чии извршители изјавуваат: само си ја вршев својата работа.

 

 

Изворите на В’лтава

Превод од чешки јазик: Соња Стојменска-Елзесер

„Антолог“, Скопје, 2024

Зад приказната за пронаоѓањето на мртвата девојка Тереза Велкова една студена ноќ во Шумава и истрагата за нејзината смрт се откриваат долго премолчуваните вистини за воените злосторства во чешко-германскиот граничен регион. Убиената девојка е пронајдена во затвореничка облека на риги со еврејски амблем. Изнурнуваат приказните за подземни тунели, за тајна нацистичка фабрика за авионски делови и за логор кој не бил никаде евидентиран и за чии жртви не постои никаква трага. Старите приказни влијаат врз животите на новите генерации што живеат во таа област. Духот на наследените нетрпеливости ја интензивира поделеноста на заедницата и овозможува понирање во длабоките слоеви на психолошките профили на главните ликови на приказната.

Романот се има закитено со почесното признание „Јиржи Марко“, награда која се доделува за најдобриот детективски роман во Чешка.

 

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment