ИТАЛИЈА

Паола Перети (1986) е италијанска писателка и професорка по италијански јазик. Испирирана од својот живот и дијагноза со Старгардова болест, таа во својот прв роман „Чекорите до црешовото дрво“ раскажува приказна за девојче на кое му ја откриле оваа ретка генетска болест која предизвикува постепено губење на видот со краен ефект на целосно слепило. Досега има објавено два романа: „Чекорите до црешовото дрво“ (2018) и „Филип, јас и црешовото дрво“ (2022).

Родена е и живее во Верона. Студирала книжевност и филозофија. Дипломирала во сферата на издаваштвото и новинарство во 2011 година и работела како дописник за локален весник. Била и професорка по италијански јазик, работејќи со деца на емигранти од Сенегал, Нигерија, Кина, Романија, Индија, Пакистан, Бразил, Молдавија и Русија.

Пред петнаесет години на Паола ѝ дијагностицирале Старгардова болест за која сè уште не постои лек. Нејзината судбина решила да ја претвори во автобиографска приказна исполнета со чувствителност, храброст и нежност како химна за животот.

И покрај очигледните пречки, Паола сака да продолжи да работи со деца фокусирајќи се на теми како попреченоста, различноста и литературата.

„Си реков себеси ’Сакаше да бидеш писателка. Ова е совршениот ден да напавиш промена‘. Верувам дека кога сме соочени со тешкотии сите ние се навраќаме во детството. Тоа е магијата на пишувањето. Мафалда може да зборува за загубата, љубовта, истрајноста, стравот, човечката природа и за различностите на поедноставен начин од мене.“

 

Чекорите до црешовото дрво

Превод од италијански: Искра Димковска

„Антолог“, Скопје, 2023

Нежна и моќна приказна за детството, храброста, љубовта и за животот.

Деветгодишната Мафалда носи очила со жолти рамки, има мачор по име Отимо Туркарет, другарка-Амазонка и најдобар другар по име Филип. Но таа е исправена пред чуден предизвик. Ѝ откриле болест која предизвикува постепено губење на видот и слепило. Во дневникот започнува да ги запишува сите нешта што нема да може да ги прави – да ги брои ѕвездите на небото, да игра фудбал со момчињата, да се качува на црешовото дрво во училишниот двор. Ама набрзо дознава дека постои и поинаков начин на гледање. Со чекорите го мери растојанието до црешовото дрво… во правец на опојниот мирис… и започнува нов список: со нештата што сè уште ќе може да ги прави.

Во мракот што ја опфаќа, Мафалда, исто како и Малиот Принц, учи светот да го набљудува со срцето, а не со очите.

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment