Онджеј Штиндл
Онджеј Штиндл (1966) е чешки писател, новинар, филмски и музички критичар, сценарист и ди-џеј, познат по неговиот придонес кон современата чешка литература и медиуми. Студирал на Факултетот за образование при Карловиот универзитет во Прага. По Сомотната револуција во 1989 година, го коосновал Радио 1, кое на почетокот се викало Радио Сталин и започнало со емитување во 1990 година. Радиото првично било „пиратско“, а подоцна легализирано. Штиндл бил познат како водител на музичката емисија „Замок на духови“ (Strašidelný zámek) и како ди-џеј.
Кариерата во новинарството ја започнал на почетокот на 1990-тите, со текстови за списанието „Revolver Revue“. Работел и за весникот „LIdových novinách“, потоа за чешкото дописништво на Би-би-си, за списанието „Týden“, како и за весникот „Deník N“, каде што во 2022 година се вработил во новата културна рубрика.
Штиндл е автор на повеќе романи, меѓу кои: „Мондшајн“ (Mondschein, 2012), „Кон границата“ (K hranici, 2016), „Сè дури не ти се сврти во главата“ (Až se ti zatočí hlava, 2020), „Толку многу пепел“ (Tolik popela, 2022). Напишал сценарија за филмот „Поута“ (Pouta, 2010) и за ТВ-серијата „Свет под главата“ (Svět pod hlavou, 2017), за кои добил чешки награди „Лав“ за најдобро сценарио.
По убедување е монархист. Во 1999 г. бил еден од потписниците на монархистичката декларација „На прагот на новиот милениум“ на писателот Петер Плацак. Во 2020 година ја добил престижната награда „Фердинанд Пероутка“ за неговиот новинарски труд, која ја признава неговата голема улога во чешките медиуми и култура.
.
Толку многу пепел
Превод од чешки јазик: Маргарета Карајанова
„Антолог“, Скопје, 2025
Прага во првата половина од 2020 година, на почетокот на пандемијата од КОВИД-19. Криштоф Мраз е обземен од ново чувство. Принуден е да си постави тешки прашања што до тој момент ги туркал под тепих: да го преиспита значењето на животот, а можеби и постоењето на Бог, да се соочи со својот живот и со загубите што ги претрпел, да се отвори кон можноста за љубов, да престане да живее на „млак“ начин.
Одеднаш се наоѓа на животна крстосница, запознавајќи ја младата левичарска интелектуалка Кристина, а потоа и Камил – гуру со чудна поврзаност со неговата почината сестра. Надвиснатата пандемија го менува животот, правејќи ја можноста за крај на светот пореална од кога било дотогаш. Криштоф се движи кон сопствена „лична апокалипса“, прогонуван од меланхолија, гротеска, спомени и темни претчувства. Тој станува колеблив актер во приказна што можеби е големо откровение – или сурова космичка шега. А можеби е и љубовна приказна.
Во 2023 година книгата беше чешки претставник за Наградата за литература на Европската Унија.