Оливера Ќорвезироска
Оливера Ќорвезироска е родена 1965 година во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Авторка е на две книги поезија, три книги за деца, три книги критика и есеистика, три романи и осум книги раскази за возрасни.
Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија. За „(С)плетени раскази“ ја има добиено наградата за најдобра прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“ за 2003, а за романот „Три Марии“ – Рациновото признание за 2025. Романот „Заклученото тело на Лу“ влезе во финалето за Роман на годината за 2005 година.
Расказите на Ќорвезироска се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и на грчки јазик. Нејзината збирка „(С)плетени раскази“ е преведена на хрватски јазик, а романите „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ и „Аб’т“ на албански и на бугарски јазик. Романот „Кифличката Мирна“ е изборна лектира за трето одделение во основните училишта.
Ќорвезироска е застапена во дваесетина антологии објавени дома, на македонски јазик, и во странство – на други јазици. Таа е член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.
Три Марии
„Арс Ламина“, Скопје, 2025
„РАЦИНОВО ПРИЗНАНИЕ“, 2025
Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, како и присуството токму на романот „Две Марии“ на полиците во станот…
„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моменталните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него…
Опашка од конец
„Бегемот“, Скопје, 2025
Тематски, модуларен избор од расказите на Ќорвезироска направен од страна на Владимир Јанковски, којшто менувајќи го природното опкружување, „соседството“ на расказите, гради речиси нова збирка од стари раскази. Лизгањето низ времето на одделни мотиви, ликови и состојби, како и свесното и намерно групирање и приближување на расказите едни кон други, ги реактуелизира и реконтекстуализира старите раскази во нова книга.