Шпанија 🇪🇸
Наџат Ел Хачми е мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми. Родена е во Надор (Мароко) во 1979 година. На осумгодишна возраст емигрирала со своето семејство во Каталонија. Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин за изразување на сопствените размисли, но и за фрлање поинаква светлина врз сопствената реалност составена од (најмалку) двете култури на кои припаѓа.
Од објавените книги се истакнуваат „Последниот патријарх“ (2008), дебитантски роман кој ги освоил – една од најпрестижните награди во Каталонија, Рамон Љуљ, и наградата Улис, како и романот „Ќерката на странецот“ (2015) кој ги има добиено наградите Сант Жоан за најдобар роман и Наградата на градот Барселона. Сите нејзини дела се преведени на голем број јазици.
По прославениот феминистички есеј „Отсекогаш зборувале за нас“ (2019) го објавува романот „Во понеделник ќе нè сакаат“ (2021), за кој ја добива најпрестижната шпанска награда „Надал“. Во нејзините наградувани дела опфатени се темите на идентитетот, миграцијата и значењето да се биде жена во муслиманска средина. Таа, исто така, работи како новинар и колумнист, меѓу другото, и во шпанските весници „Ел Паис“ и „Ел Периодико“.
Во понеделник ќе нè сакаат
НАГРАДА „BOOKSTAR“ ЗА 2023 ГОДИНА
Превод од каталонски: Лара Прокопиева
Во романот е раскажана судбината на една девојка од маварско потекло, ќерка на емигранти од Мароко, која поминува проблематични пубертетски години во строго контролирано и претежно муслиманско соседство во предградие близу Барселона за време на 1990-тите години.
Постојаната присила да се покорува на закоравените религиозни правила и на машката доминација, типични за малото мароканско село од каде што доаѓа нејзиното семејство, се судираат со современото шпанско општество во кое живее Наима. Спротивставеноста на културите наспроти потребите и желбите на младата девојка се засилува по средбата и силното пријателство со уште една маварска девојка, која поседува смелост да живее на свој начин. Таа ја поттикнува Наима и самата да се впушти во потрага по сопствената индивидуална слобода.
„Во понеделник ќе нè сакаат“ во 2021 година ја добива наградата „Надал“, една од најпрестижните награди за книга напишана на шпански јазик.