Милан Дамјаноски е роден на 23 август, 1977 година во Скопје. Вработен е на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде што во моментот ја извршува функцијата редовен професор по англиска книжевност и конференциско толкување, при што ги предава предметите Англиска книжевност, Теорија на преведување и толкување, Конференциско толкување. Во 2015 ја брани докторска дисертација „Гласот и идентитетот во книжевните дела на Роберт Браунинг, Блаже Конески, Џејмс Џојс и Славко Јаневски“ и
се здобива со титулата доктор по филолошки науки. При тоа, учествува со свои трудови на повеќе домашни и меѓународни стручни конференции, симпозиуми и
работилници, како и објавува свои трудови во повеќе реномирани домашни и меѓународни печатени и електронски стручни списанија и зборници. Бил член на
уредувачкиот одбор на меѓународното списание „Блесок“, а во моментов е претседател на организацискиот одбор на Наградата за млад преведувач „Вавилон ЗПРМ“ на Здружението на преведувачи и толкувачи на РС Македонија.
За време на студиите, како и по нивно завршување, професионално се занимава со преведување и толкување од англиски јазик. Има преведено три романа, неколку збирки поезија, збирка на раскази на англиски и македонски јазик од автори како што се Салман Ружди, О. Хенри, Блаже Миневски, Владимир Мартиновски и Светлана Христова-Јоциќ. Неговиот превод на англиски на романот „Нишан“ од
Блаже Миневски во рамките на проектот на Владата на РМ за превод на 130 антологиски македонски книги во 2011 г. е номиниран за престижната меѓународна
награда Dublin Impac Award 2013. Исто така, преведува поезија и различни текстови за потребите на Струшките вечери на поезијата, Версополис, Ревијата на Македонскиот ПЕН-центар, Блесок и други книжевни организации.